Оковите на малото слонче

Во животот сретнав многумина, а можеби тоа не е ни половина од она што треба допрва да дојде во контакт со мене, но сепак беше доволен репрезентативен примерок за да можам да изработам статистика на дотогаш познатото.

okovite-na-maloto-slonce-01

Имаше луѓе кои при најтешки услови имаа насмевка и веруваа во подобро утре, но имаше и такви кои при сончеви денови седеа жалејќи се за условите кои ги опкружуваа.

Јас се сметав за припадник на првата група, само заради една приказна која ми ја прочита мојата мајка додека бев малечок. Мене тогаш ми беше интересна од сосема други причини, но како што растев си ја повторував и со текот на годините таа го доби вистинското значење.

Се сеќавам дека бев седнат на креветот и мајка ми дојде со чинија полна овошје, жената постојано се трудеше да јадам здраво, но јас негодував на тој здрав режим. Ми рече дека ако јадам од чинијата, ќе ми прочита приказна од една книга на која пишуваше Буковски. Ми беше интересно да слушам приказни од тој човек, можеби бидејќи имавме иста почетна буква на презимето, којзнае. Нема да ја кажам онака како што е напишана, ќе ја раскажам на начинот на кој таа ми ја пренесе.

„Во блискиот циркус имало едно мало слонче, кое не сакало да јаде овошки исто како тебе, па затоа го врзале околу еден железен столб. Немој после да речеш дека јас сум била лоша, ти сè уште си на слобода. Тоа слонче се обидувало постојано, залетувајќи се да го скине синџирот кој го држел за тој столб.

Неуморно, непрестајно, секојдневно пробувалo и пробувалo, но синџирот на неговата нога бил претежок, а столбот преголем. Па после неколкмесечно пробување, малото слонче се помирило со својата судбина да биде врзано за столбот. А, ќе беше многу полесно да ги изедеше своите овошки нели?” - додека таа зборуваше со мил тон, јас лакомо јадев од овошките, заинтересиран за животот на малото слонче.

„Поминале многу години и слончето прераснало во огромен слон, но тоа сè уште било врзано за истиот столб. Сигурно се прашуваш зошто толку голем слон би бил сè уште заробен со синџир и столб кога тој би можел да го разурне целиот циркус.

Првиот одговор е затоа што не јадел доволно овошје, а вториот, оној поголемиот е затоа што тој сè уште во својата глава мислел дека не може да го совлада столбот и синџирот, поучен од неговите залудни обиди. Тој иако бил физички посилен  дозволил препреката во неговата глава да го направи вечен роб на луѓето од циркусот. Само заради едно погрешно размислување, базирано на обидите кои не успеале.

Како што гледам ти нема да бидеш како малото слонче, бидејќи ја изеде цела чинија, ајде сега земи и напиши ја првата домашна за на училиште. Прваче си, срамота е да одиш без домашна”.

Не знам дали забележа мајка ми, но јас го жалев малото слонче, бидејќи во тој момент ми беше жал што заради овошките кои не ги изел станал вечен роб на циркусот. И долго време мислев дека таа приказна мајка ми ми ја раскажа за да ме натера да јадам овошје. Но, како што изминуваа годините сфатив дека таа, односно приказната зборувала за луѓето.

Не беше тоа приказна само на малото слонче, за жал постоеа и луѓе  кои беа такви. Дозволуваа нивните способности и нивните можности да бидат ограничени од она што се наоѓа во нивната глава, а беше сосема погрешно.

Ми беше жал за нив, на истиот начин на кој го жалев малото слонче, тогаш од сосема друг агол, но сепак беше тоа истата болка во мојата душа. Се обидував многупати да им доловам и да им раскажам, но тие очигледно уживаа да бидат главни во циркусот, врзани за столбот.

Јас бев благодарен на мојата апатија кон овошките, бидејќи ако не ја слушнев таа приказна од мајка ми, можеби и јас ќе си имав мој столб и окови...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg