Она нешто во воздухот...

Седев на балконот, легнат со целата своја мрза на лежалката која беше прикачена со јаже на двете страни. Како да лебдев со падобран во небото, уживав во пролетното време кое беше несвојствено за тој зимски период од годината.

ona-nesto-vo-vozduhot-01

Низ главата ми поминуваа слики за сè она што се случило во минатото. Во таа мрзеливост како да копнеев да пронајдам работа за која ќе размислувам, како да не можев да седам без да не правам ништо.

Се прашував што беше она што ме тераше да ги насолзам очите, да се почувствувам емотивно одговорен за сè она што се случува околу. Мислев на работите кои ме направиле да заплачам и на сите реченици кои останале таму за да ги преповторат истите чувства, кога некогаш ќе посакам одново да ги почувствувам.

Се сеќавав на моето замрзнато лице кое настануваше заради стравот со кој се соочував. Како паузирана снимка на нов видео спот. Барав одговорност за светкањето на небото и дупката на громот во земјата. Барав некоја логика каде сите работи беа сосема нелогични.

Помислував на љубовта како единствено чувство кое можеше да предизвика луѓето да ги затворат своите очи и да бидат слепо водени од оној кој го избрале како свој партнер. Верував, навистина многу им верував на луѓето, мислев дека секој треба да добие безброј шанси, без разлика што многумина од нив многупати ги прокоцкаа.

Си ја враќав сликата од првиот роденден и секој потоа, помислував на раката полна светки и тоа ослободување кога ќе ги фрлев во воздухот. Го чувствував мирисот на испраните алишта после напорната игра во дворот и мекоста на покривката во летно утро после долг и цврст сон.

Се прашував што е она што ги носи сите тие работи со мене, што е она што ги предизвикува што е она што ги оживува. Што е она што носи топлина после ладна ноќ, живот после смртта или смрт после животот, за секого различно.

Ја чувствував топлината на шолјата исполнета со утринско кафе и пријатноста на различните разговори со луѓето околу. Сите тие спомени ме правеа да се чувствувам жив, сите тие спомени беа со мене без да можам да избегам, без да можам да ги ослободам. Заедно со лошите мигови како една испреплетена мрежа која знаев да ја наречам живот.

Се обидував секогаш да најдам причина на секоја последица, одговорност за секоја моја постапка и да бидам искрен, не секогаш бев искрен. Понекогаш за некои одредени работи знаев да се наклонам и да побарам виновник, не во луѓето, не бев толку злобен.

За секоја глупост, за секоја постапка која не требаше да се случи, за секој срам и секоја неодговорност, за секоја непотребна нервоза и несакана солза. За секоја непреспана ноќ. За секој среќен момент, одлучен чекор, за се она што мислев и замислував, она што сонував. Знаев да вдишам пред да го започнам.

Тогаш воздухот имаше поинаков мирис, некако различен од претходно. На тој начин секогаш знаев да откријам што е правилно. Дури и да не беше, имав сопствен виновник, а тоа беше она нешто во воздухот кое секогаш беше присутно кога работите некако спонтано се случуваа.

Колку и да ми носеше непријатни ситуации, носеше и пријатни, бев зависен и не сакав да престане, магичната состојка на одлучноста, која за мене се наоѓаше во воздухот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...
За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...
„Ми се одмили Козјак за викенд, но бев во работен ден и беше идилично“ „Отидов после работа и на Козјак ме пречека спокој каков што не очекував. Немаше...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg