Не ми требаат филтрирани фотки ниту Фејсбук, бидејќи имам живот

Дојдов до одредена точка од животот каде што тој се претвори во тотален хаос, еден вид на безумна трка со времето, хронична ненаспаност порабена со темни кругови под очите кои ниту најквалитетната шминка не можеше да ги сокрие. Чувствував дека имам премногу предмети по дома кои ме гушеа. Почнав да размислувам дали можам да си го поедноставнам животот и да пронајдам малку мир, пред да збудалам.

Ne-mi-trebaat-filtrirani-fotki-nitu-Fejsbuk-bidejki-imam-zivot-01.jpg

За почеток, како мал експеримент, решив да го деактивирам Фејсбукот. Дневната доза Фејсбук ми беше од прилика околу 4 часа во денот, зјапајќи туѓи слики, бесрамно ѕиркајќи во туѓите животи и срамно споделувајќи дел од сопствената приватност.

Морам да признаам дека првите неколку денови ми беше ужасно тешко. Секоја зависност е иста, одвикнувањето е предизвик. Но, јас успеав да одолеам на црвените бројчиња кои ми ги означуваа нотификациите и пораките. Тие што сакав да ги слушнам ги добивав на телефон, тие што сакаа да ме најдат успеваа на сличен начин.

Ми се докажа дека Фејсбукот не е ништо повеќе од еден селски панаѓур, каде што сите сме помалку или повеќе гладни за внимание, а тоа постепено нè претопува во себични нарцисоидни луѓе. Губиме осет за реалноста, со часови го толкуваме значењето на seen и невозвратената порака... едноставно го елиминирав тој дел кој ми трошеше толку многу драгоцено време. Но, не сопрев таму.

Кога денеска помислувам колку бескорисни часови сум потрошила бирајќи соодветен филтер за што поуспешни Инстаграм фотки, ми доаѓа да си врзам една добра шлаканица. Се сеќавам, еднаш бев толку многу гладна што мислев дека кога ќе пристигне јадењето, ќе ја изедам и чинијата. Кога го сервираа, изгледаше неодоливо, а мојот прв инстинкт не беше да започнам да го јадам, туку да го сликам за на Инстаграм. Гладот за внимание беше поголем од вистинскиот глад. Тогаш сфатив дека нешто не е во ред со мојата перцепција и треба да направам промена.

Што правев со толку многу вишок време? Научив да си зготвам неколку добри здрави оброци. Почнав почесто да ги канам пријателите на вечера и ги забранив мобилните за време на нашите дружби, бескрајното штракање и тагнувањето на фотки.

Успеав да ги прочитам сите книги кои претходно само ги трупав и не ги дочитував, бидејќи вниманието ми го крадеа звучните нотификации.

Ја истражував природата, пешачев, возев велосипед со пријателките, се искачував онаму каде што мислев дека никогаш нема да стигнам или дека ќе доживеам срцев удар.

Филмовите и ТВ сериите ги заменив со театарски претстави, кафето со чај. Последново и не беше толку успешно, бидејќи сфатив дека со кофеинот сме другари за навек, но важно е дека пробав нешто различно. Се обидов, излегов од таа виртуелна замка на безумно трошење време и илузијата дека сè е во ред, кога всушност – ништо не беше во ред, ништо не беше реално.

Започнав да го вдишувам животот онаков каков што е. Се ослободив од сите вишок работи по дома, сите стари предмети кои можеби некогаш ќе ми затребаат, сите алишта кои не ги бев облекла повеќе од 5 години и оние со малечки бројчиња кои упорно ги чував за кога ќе симнам одреден број на килограми за да ги облечам. Како се ослободував од предметите, така се олеснував од сета наталожена ментална тага, која како да ми го затнувала крвотокот, ми го заматувала мозокот и ми ја унесреќувала душата.

Тогаш сфатив дека среќата е навистина во едноставните нешта. Простор за живеење кој се чисти брзо. Кафе и смеење со друштвото. Броење ѕвезди на небото наместо срциња на Инстаграм и Твитер. И сè што видов, и сè што доживувам секојдневно се обидувам да го запомнам, да си направам ментална фотографија која ќе трае вечно во мојата меморија.

Бидејќи таквите реални моменти се подобри од какви било филтрирани слики.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg