Дали сите станавме Пинокио на модерниот свет?

Беше утро или ноќ, веќе не разликував. Станав после петтото ѕвонење на алармот, уморен и без желба да го почнам денот, со толкава мрза каква што светот не видел, подготвен за ноќната смена која полека ми ја земаше младоста.

dali-site-stanavme-pinokio-na-moderniot-svet-001.jpg

Зошто се нафатив на таква смена не знаев да кажам ни самиот, можеби беше привремено лудило, но кога работите ќе започнат по одреден тек си велиш можеби така требало да биде.

Ја запалив сијалицата и со тивки чекори се прикрадов, обидувајќи се не разбудам никого. Отидов до кујната да го подготвам кафето кое ми се чинеше дека само јас можам да го пијам толку рано.

Сите го нарекуваа утринско, јас го нарекував клето, бидејќи ме потсетуваше дека со него ќе започне уште една здодевна ноќна смена на работа. Ја мразев ноќната смена, но некако немав избор.

Ги подготвив слушалките пред да излезам и да ги зауздам педалите на велосипедот, на радио одеше емисија во која водителот прашуваше зошто луѓето лажат и колку тие лажат во текот на своето живеење.

Се насмевнав цинично, имав иронија во својот глас кон моето обраќање кон себеси.

Си помислив дали сè уште постои некој на овој свет кој не кажува бели лаги секојдневно само за полесно да му помине денот или јас бев Пинокио на модерниот свет?

Дали само јас ја имав навиката постојано да лажам убедувајќи се дека со тоа ќе ги направам луѓето посреќни, бидејќи секој сакаше да го слуша само она што му одговара, а на тој начин светот стануваше едно подобро место за живеење?

Иронично нели, но така беше. Моите лаги не беа злонамерни, но беа лаги и како такви влегуваа во статистиката на интересната дебата на двајцата водители на утринската програма.

Лажев дека не ме повредуваат работите кои ги прават другите, само за да ги направам среќни, без притоа тие да помислат колкава е болката која ми ја нанесуваат.

Лажев за да го донесам сопственото тело на гилотина, а тие да можат да се издигнат заборавајќи на лузните кои ги нанесуваат на мојот грб.

Лажев дека ми се допаѓа црвеното вино кое го пиев само кога носев костум и вратоврска, а го правев тоа за да изгледам професионално, за да не ми забележат колегите од работа. Лажев дека тоа е пијалак даден од Бога за да ужива земниот свет, а јас само сакав да уживам во ладно пиво, како што правев секогаш кога бев сам.

Лажев дека сум среќен, само за да не го нарушам расположението во друштвото во петок навечер. Иако се кршев однатре, јас немав сила да признаам и да бидам оној кој „мрчи“.

Секое среќно движење и секоја радосна реакција кон светот беше лага, јас само сакав да се затворам во четири ѕида, да го најдам сопствениот ќош и да започне процесот на создавање на мојата река со своите притоки, која беше последица на секојдневните проблеми. Сакав да плачам додека сите не се удават во тоа безнадежно надевање дека утре ќе биде подобро.

Лажев дека сè ќе биде во ред гледајќи ги луѓето во очи, а притоа знаејќи дека нештата нема да се променат, дека барем во скоро време силата на реката нема да ги однесе кон правецот кој тие го посакуваат.

Бесрамно, секојдневно, лажев само за да им угодам на другите и обидувајќи се да бидам добронамерник јас станав лажго. Еден од оние кои беа добродушни лажговци, но сепак беа лажговци.

Го сликав кафето или барем она што остана од него, ставив слика на Инстаграм со наслов „Колку прекрасен ден“, нели тоа беше она што сите го правиме, лажеме за светот да завидува на нашиот прекрасен живот.

Додека возев во ноќта до моето работно место се прашував, што ќе се случи со светот ако сите барем за ден станат потполно искрени. Што ќе се случи ако во статистиката на водителот немаше лажговци? Дали беше можно да се живее без да се каже дури и најмала лага?

Дали ако ја знаевме и кажувавме само вистината ќе постигневме хармонија кон посреќен живот или искреноста ќе создадеше потполно различен ефект?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg