Тоше, два дена годишно во календарот се премалку за големината на твоето срце

Сеќавањата за добрите луѓе кои си заминуваат од овој свет по некое време избледуваат.

Tose-dva-denovi-vo-kalendarot-se-premalku-za-goleminata-na-tvoeto-srce-01_copy.jpg

Остануваат само клучните датуми кога се присетуваме на нив и ги споменуваме со насмевка.

Но, дали тоа е вистинскиот начин да се испочитува нечие дело, топол лик како оној на Тоше, кој ни остави не само неверојатни песни, туку и сеќавања на вистинска несебична добрина.

Па, намерно не го одбравме 16-ти октомври или 25-ти јануари за да евоцираме спомени.

Одбравме друг, обичен и неврзан ден за да зборуваме за Тоше пејачот, Тоше ѕвездата, Тоше хуманитарецот, Тоше човекот, Тоше – синот, братот и вујкото.

Се сеќавам како низ магла, бидејќи тие грди спомени ми се силно потиснати во длабочината на душата, како на кобниот ден утрото ме разбуди другарка ми и ми соопшти дека Тоше доживеал сообраќајна несреќа.

Со неверување срипав од креветот, а во дневната соба мајка ми молкум ги слушаше вестите кои ни го распарчија срцето. Подоцна се дискутираше како некој човек од тој калибар можел да разбуди толку многу емоции и да предизвика солзи кај луѓе кои воопшто и не го виделе, освен на телевизија.

Се сеќавам како на последниот Тошев концерт на Градскиот стадион во Скопје сосила го одвлечкав братучед ми дојден од Америка да го слушне нашиот омилен пејач, нашата македонска гордост. Неволно отиде и половина од концертот преседе скиснат, сè додека Тошка не запеа песна од Металика.

Братучед ми одеднаш скокна од столчето и почна громогласно да аплаудира, воодушевен од изведбата. Го испративме дома со целиот музички опус, го заразивме со вирусот наречен Тоше Проески што го имаме сите, активен и неизлечлив од нашите организми.

Дента кога нè покосија лошите вести, се откина дел од сечие срце.

Не ми се јави подоцна скоро никој, затоа што тешко ни беше да зборуваме за огромната трагедија. Ми се јави само братучед ми кој ми рече кратко – Фала, што ме однесе на концертот на Тоше.

Многу подоцна дознавме за неговите мали и големи дела на хуманост и добрина.

Бидејќи Тоше не ги правел работите за реклама или добар публицитет, ги правел од срце. Неговата сатисфакција не била целиот свет да дознае колку е добар, доволно му било да знае тој самиот и да ги згрижи сите болни, сите несреќни, сите бездомни.

Тоше имаше некој скриен невин детски шарм и харизма колку едно небо, каде што мирува.

Тоа не се учи и не се купува, се раѓаш со тоа, го имаш или го немаш.

tose-dva-dena-vo-kalendarot-se-premalku-za-goleminata-na-tvoeto-srce-001.jpg

Со задоволство си прераскажуваме една вистинска приказна кога се враќал од соседната држава и брзал да стигне на некој настап. Мојот кум бил на смена на границата и со радост му соопштил колку многу неговата ќерка ги сака песните и него, и дали може да се слушнат на телефон.

Тоше не само што успеал да му се јави на девојчето, тој одвоил време и да се слика со кумот како поздрав до малечката, како спомен за таа спонтана комична средба.

Непосредно по смртта на Тоше, се одбра и официјалната спортска химна „Македонија навива за вас“. Злобните јазици почнаа да коментираат како ете, ја одбрале токму таа песна од сите други, затоа што Тоше повеќе не е меѓу нас.

По многу преслушувања на сите песни од конкурсот, објективно тврдам дека немаше ниту една подобра од таа песна. Не ја разбирам злобата и зависта на нашиот народ понекогаш.

Тоше си ја отпеа судбината во „Цреша“ и „Полско цвеќе“, песни кои јас лично се обидувам да ги одбегнам за слушање, бидејќи не можам да ги сопрам солзите и грчот кој се обидува да ме проголта.

Со задоволство си ги слушам „Малечка“, „Љубена“ и „Ден за нас“. Ми влеваат надеж и многу оптимизам, но најмногу од сè ме потсетуваат на него и минатите времиња.

Каде ли ќе беше Тоше сега ако беше жив?

Уште колку ли многу срца ќе беа допрени, уште колку ли многу животи ќе беа изменети твојата неговата несебичност, добрина и ангелскиот глас?

Ме боли што никогаш нема да дознаеме.
Што го немаме повеќе, неговото вистинско семејство и она на неговите обожаватели.

Бидејќи ќе ви звучи смешно, но јас го чувствувам така, како дел од моето семејство.

Како некој за кого непреболот ќе биде вечен.

Како човек за кого два денови во календарот се недоволни, а забраната за пуштање македонски песни на радио и тв станиците бесмислена, бидејќи просто е одвратно да се лишуваме од неговата музика и добрите спомени.

Тоше, ти си онаму каде што се создаваат соништата.

Ниту едно ѕвездено небо кое ќе го направиме нема да биде подобро од она кое блескаше со самото твое присуство.

Се надевам дека си во мир и спокој на твоето ѕвездено небо, преку чии песни ни ја грееш и топлиш душата.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg