Опасна сорта - маанџии луѓе кои глумат дека се родиле со златна лажичка во устата

Без исклучок, сите кои ги познавам имаат неколку луѓе во животот кои се несудени холивудски глумци. Оваа сорта на луѓе се невидени маанџии кои никогаш не се задоволни од ништо. Ништо не е добро за нив, ништо не може да им предизвика задоволство и насмевка. Секаде ќе најдат маани и никаде не се задоволни од услугата.

Opasna-sorta-maandzii-lugje-koi-glumat-deka-se-rodile-so-zlatna-lazicka-vo-ustata-01.jpg

Вообичаено имаат некои налудничави желби и побарувања во локали каде што е повеќе од јасно дека не може да очекуваш чудо или којзнае каква услуга. Ама упорни се, мора да им се признае. Ќе бараат темен кафеав шеќер, затоа што оној посветлиот знаеш е всушност бел и само обоен.

Ќе бараат исклучиво млеко со 0,9% масленост и кафиња за кои никој не слушнал или локалот воопшто не ги прави. Ќе ги вртат чашите спроти сонцето со цел да ја испитаат нивната чистота, ќе негодуваат за месото и кашкавалот, дали е млечен, мешан или чаден.

Чиниш ова е првиот и последниот оброк или кафе во животот. Друг ќе нема, апокалипсата започнува денес, сé мора да биде совршено.

Не може да им угодиш на ваквите никогаш. Дури и почнува срам да те фаќа. Се чувствуваш некако засрамено и ужасно, како да си помалку човек затоа што не пребираш којзнае колку и не наоѓаш маани. Како да имаш шуга.

Па си викаш – како ли живеат луѓево дома кога имаат толку многу високи побарувања и стандарди? Ќе им се допадне ли мојата домашна забава, виното кое сум го купила, сирењето кое го послужив?

И одеднаш сосема случајно се наоѓаш подолго време во нивна непосредна близина и гледаш како живеат. И сфаќаш дека тие високи стандарди, тоа вечно негодување и наоѓањето маани се единствениот начин да го припокријат својот комплекс на пониска вредност и несигурноста.

Далеку се од кавијар и скапи вина и златни лажички. Далеку се и од нивото на чистота кое лажно го промовираат и го бараат кога одат некаде. Пресмешни се значи кога одат на одмор или некое патување.

Глумат запрепастеност од условите таму, чиниш дома ги чека палатава со мермерни подови и кристални лустери. Дома живеат 13 пати полошо, ама таму надвор нема место за приземјеност и искреност. Таму сите глумат лудило.

Таму месото мирисало некако чудно. Не е важно што дома месо се готви еднаш неделно. Таму со гадење се поземаат чинии, со сомничав поглед се прегледува овошјето и се мириса колачето.

Таму се пие исклучиво шампањ – што, немате?!, а единствениот пат кога претходно се напиле е кога наздравиле за свадбата кога биле младоженци.

Сериозно престанете да го парате небото со носот. Скопје е малечко и Македонијава ни е малечка, секој со секого се познава. Не мора да глумите нешто што не сте, не мора да импресионирате некого со постојано наоѓање маани на сé околу вас. Пренапорни сте, пресмешни сте. Проѕирни сте и никој не сака да се дружи со глумци кои очајно сакаат да се дел од „Големото добро утро“.

Со еден збор, не глумете покондирена тиква и лакована чевличка ако сте опинок. Нема ништо страшно во тоа да си опинок, биди барем горд опинок, а не нешто што не си, ниту пак ќе бидеш.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg