„Не ти е крстено бебето, затоа ти мириса на куче“ - Да се плашиш да родиш дете во Македонија

Мајка Македонија стана една многу бизарно место за живот, од повеќе аспекти.

Ne-ti-e-krsteno-bebeto-zatoa-ti-mirisa-na-kuce-01.jpg

Еден од оние на кои не можам да им се изначудам се – децата во Македонија. Тие се како мали експериментални глувчиња и не знам како со сите противречности со кои растат, тргнувајќи од дома и продолжувајќи со образованието, очекуваме од нив да станат успешни, зрели, самостојни луѓе.

Еве го мојот најголем проблем со децата во Македонија. Од една страна, родителите сакајќи да ги заштитат по секоја цена, очигледно се во тек со сите можни светски трендови.

Немојте цуцли–вилицата и забите се криват, немојте дубачиња – ноџињата се криват. Немојте мед, боже спаси нè, да не сакате да го отруете детето? Немојте бело брашно, немојте шеќери, немојте глутен!

Од друга страна, одиш на детски роденден, фрчат шеќерни маси, чоколадни фонтани, кутии полни бонбони, мафини, огромни торти… нели нема шеќер, нели само здраво и органско јадат децата? За кого се тие слатки маси?

И противречностите не застануваат тука. Многу сме модерни, да му се сневиди. Некаква си специјална жирафа за џвакање и гризење за малото злато која чини повеќе од просечна македонска дневница. Брдо пари на специјални душеци, креветчиња, релаксатори, колички излезени како од научно-фантастичен филм. Кола на старо чини помалку.

Во ред, сè за нашите мали златца. Во тренд сме, органско и здраво јадеме. Во тренд сме - читаме детска психологија да се образуваме–моето дете плаче кога таткото излегува од собата, дали подоцна во текот на животот ќе биде исфрустрирано бидејќи растело без доволно татковска љубов и внимание? Татко, врати се и фати го бебево, не сакаме да стане сериски убиец поради твојата негрижа.

Некакви си специјални четки од фини, меки влакна за чешлање на трите влакна на главата на бебево. Да не му се иритирал скалпот. Ајде во ред, нека е. Да може да ги ставиме децата во стаклени ѕвона и да ги шетаме на сиџимче, ќе го сториме тоа.

Ќе одело детево на курс по англиски, цели 250 метри оддалечен од домот. Пали колата, нема тука да ми се мачи детето. Штета што не може да се носат децата „на ушка“ откако ќе пораснат, во состојба сме да нè јаваат цел живот, само да не се помачат за нешто.

И на сите овие модерни правила, модерни помагала, модерно родителство, најсмешно од сè е кога се враќате назад во темните векови со некоиси бапски правила за растење на децата.

Мекиците за бебето на третиот ден од породувањето. Не ли ги дадеш на третиот ден, ќе добиеш посета од полицијата за мекици. Казна божја ќе те стрефи. И првата мекица да ѝ се однесе на мајката.

На неа не ѝ е дојдено до ништо, освен до бебето, ама има да ја „збута“ таа мекица и оро да заигра ако треба. Арно да е само мекицата. Со глутен!

До 40 дена – строго дома. Врнело, веело, сонце печело, има да седиш дома со бебето како попче и да не ти текне за излегување. Немајка си ако излезеш некаде порано од овој строго утврден период за квачење дома.

А ако има потреба да се отиде на доктор со бебето, тоа се важи ли? Нема одговор на ова прашање, се правиме малку наудрени. Не се случило, не си била на доктор.

По 40-те дена, директно во црква. На некаква си голема молитва. Мајката земала и водичка да го замива бебето. Бебево нема пристап до црквата, не е крстено, паганче мало.

Следува првата голема прошетка на бебето. Мајката – голема молитва, бебето – голема прошетка. Сосема логично.

Оди со мајката (и свекрвата ви се молам, другата баба на бебето не се споменува никаде) и поминуваат во 3 куќи, а во последната преспиваат. Бебето, кое дотогаш се чувало во 4 ѕида и не видело бел ден 40 дена, одеднаш се носи низ 3 куќи, па уште и преспива во последната.

Ушите да се дупнат на Благовец. Крштевката пред Велигден. И на сите овие правила и тертипи кои строго мора да се следат – се слави и пола роденден на бебето.

Толку не можете да дочекате да ја покажете својата уникатност, што и 1 година за прв роденден ви е многу за чекање. Па половина торта – за полуроденден. И тоа ли е дел од книгата на „бапски правила и божји принципи“ за одгледување на нашите деца?

Како ви одат овие работи едно со друго? Дали знаете колку смешно изгледате од страна? И индустријата за бебиња ве „вози“ како сака. Алал нека им е. Заработуваат на вас, ве стрижат до гола кожа и сметам дека тоа е сјајно. Аплаудирам на нивната инвентивност.

Млечна капка од мајчиното млеко, засекогаш „замрзната“ во приврзок. Каде бе со млечната капка? Ќе ја носи ќеркичката ваша на излегување?

„Што ти е тоа на вратот?“ – Ааа, капка од мајчиното млеко со кое ме доела.

Првото запче било спомен, ајде олтар да му направиме. Стапалки ако не му направиш на бебето, нема да научи да оди.

Најинтересното е што – никој не ви се меша во вашите одлуки. Си правите така како што ви кажале другите или како што вие сте си замислиле. Некој врти очи на вашите постапки (со добра причина), ама никој не ви стои на патот.

Ама вие ги осудувате другите. Вие, загрижените мајкички со бизарни прашања од типот – зошто бебето ми мириса на куче? – Затоа што не ти е крстено. Да, тоа е. Како не ни текна порано?

Со сите овие противречности на „старото“ и „новото“, немојте да се чудите зошто децата излегувале вакви или онакви. 

Децата се душички, за ништо не се виновни. Ама вие си знаете најдобро, ваши си се нели, не сме заборавиле дека се ВАШИ, го потенцирате тоа по 50 пати во денот.

Терајте си како што сте си замислиле. Само немојте да ги осудувате другите родители кои не го следат вашиот пат.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„На моите деца не им треба идеална и совршена мајка, туку родител што ги сака“ „Не сум таква мајка каква што сакав да бидам. Не си легнувам рано за да можам да...
Другарка ми остана бремена, само за да направи забава за откривање на полот и мини свадба за прв род... Драги мои, неверојатно е колку модерното време ни ги промени животите. Сите оние...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
„Мајка донирала бубрег за да го спаси своето дете“ – Една од приказните за храброста на мајките од м... Мајка го донирала бубрегот за да го спаси своето дете, друга не се откажала од б...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg