Патишта крпени, ќе тргнеш на пат – ќе завршиш во ендек: Имаш ли сила да преживееш во Македонија?

Имаш ли сила да се бориш со ветерници? Ти остана ли малку верба дека работите некогаш ќе тргнат кон подобро? Го стискаш ли во дланката последното зрно надеж, толку силно, не дозволувајќи да ти се лизне низ прстите.

Imas-li-sila-da-prezivees-vo-Makedonija-01.jpg

Те знам, ти си тој непоправлив оптимист. Постојано се убедуваш – само дома си е дома. Тука ми е коренот, тука ми се најмилите. Секаде ќе сум странец, тука сум свој на своето.

Што е твоето? Воздухот кој те гуши и како крадец во ноќта ти зема делче по делче од твоето здравје? Политичарите кои те лажат, те манипулираат, те користат како пион во трката за повеќе гласови? Фактот што цел живот плаќаш здравствено осигурување, а за најобична операција ќе подигнеш кредит да те оперираат како човек во приватна болница?

Твоја ли е државата каде што те товарат за една неплатена сметка од пред неколку години и додека се разбереш за истата дека е уредно платена, ќе ти тропне извршителот и ќе ти ја наплати 10 пати повеќе? Ова ли е таа држава која те убедуваше да имаш многудетно семејство, а немаш никакви услови да го издржуваш, тргнувајќи од најосновното – место во градинка за твоето дете.

За ваква ли држава вреди да се бориш и да се надеваш? Еве, тепаат кој не сака репете од нејзините циркуси. Државичка, каде што неписмениот ти е шеф, а најписмениот е курир, келнер или го мете подот.

Место обоено со сивило, исполнето со тажни ликови, чие срце се стиснало како лешник. Ќе препукне од мака. Додека да се договориме дали провинцијалците или скопјаните се подобри или полоши, некој друг граба, краде без усул, без срам, без дно.

Нивните деца се школуваат без никаков проблем, додека ти за твоето се тресеш како ќе му ја платиш партиципацијата и киријата и книгите. Нивните деца возат најскапи автомобили од 16 години, додека твоето се тиска во преполн, расипан, смрдлив автобус.

Нивните деца носат патики од 300 евра, додека твоето ги влече истите чизми, три пати прелепени во последните 5 години.

Каде и да се завртиш, мрак. Не можам повеќе да пронајдам ниту една светла точка во оваа недржава. Кому природата подарила таква убавина која безмилосно се уништува, се сече, се трупа ѓубре насекаде? Дали самодеструктивноста ни е впишана во генетскиот код?

А луѓето, тие станаа туѓи, нетрпеливи, зајадливи, злобни. Такви ги направи немаштијата, ситуацијата, мизеријата во која гниеме сите. Сиви во лицето, модри во срцето. Се завило во некој страв и отупавеност и само се повторува како расипана лента: Ќути си, има и полошо.

Каде е бре тоа полошо? Со кого се споредуваме? Со која угнетена, повоена земја, тие ли ќе ни бидат репер? На шака народ без леб сме. При очи сме слепци, при уши се правиме глуви.

Трошка бунтовност не остана во нас, изгубивме ли целосно надеж или отсекогаш сме биле пасивни страшливци?

Имаш ли сила да преживееш во Македонија? Ти остана ли љубов за родната земја? Одамна не е за пари. Парите се секако битни, но тука недостасуваат фундаментални услови за живот.

Патиштата, крпени, недокрпени. Ќе појдеш на пат, ќе завршиш во некој ендек. За што ја плаќаме таа патарина, објаснете ми бре луѓе? За што плаќаме даноци?

Здравствените установи, подобро кажани – мртовечници. Ќе влезеш здрав, ќе излезеш болен. Фластер немаме, газа немаме. Ќебиња немаме, донесете си самите од дома.

Квалитетот на образованието ни е на најниско можно ниво. Децата ни се неписмени, бесни. Не можеме да ги контролираме. Родителите јадосани, не знаат каде попрво да се свртат.

Луѓето целосно се отуѓија едни од други. Не се оди повеќе на гости. Не било модерно, кој има време за губење, за правење, за сечкање, за мезиња… да се најдеме на кафе некаде?

Не сакам да се најдеме на кафе. Сакам да си седнеме дома. Сакам да се смееме, да пееме, да зборуваме додека не се раздени. Не мора да има којзнае што на масата. Ништо нека нема, нас нека нè има.

Сакам да си ги кренеме нозете на креветот додека се опуштаме и за момент да заборавиме на мизеријата во која се препелкаме, како риби на суво кои се борат за здив.

Сакам да има луѓе. Здрави, насмеани, расположени, борбени луѓе. Културни луѓе, од оние што знаат да замолчат во кино и театар, од оние кои не плукаат на улица, не џвакаат како да го преживаат оброкот, од оние кои знаат да направат добар муабет, луѓе чија страст се добрите книги, а не петпарачките озборувања.

Ќе преживееме, велат оптимистите. Ќе дојдат подобри времиња. Им се восхитувам. Сакам и јас да верувам дека ќе биде така.

Ќе преживееме, тивко повторувам. Ако не умреме од воздухот, ќе преживееме…

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg