Немаш ли 500 евра за во плико, не си печен да бидеш кум

Пред неколку години, пријател од друштвото нè замоли да му бидеме кумови. Ние, секако веднаш прифативме. Сепак, чест е да бидеш некому кум, нели?

nemas-li-500-evra-za-vo-pliko-ne-si-pechen-da-bides-kum-001.jpg

Чест е, ама на денешницата многу повеќе му доаѓа како некоја бизнис зделка. Се очекува да дадеш многу и да добиеш многу за возврат од кумувањето. Нешто како дај-ми-го-на-ти-го.

На прашањето што би можеле да им подариме на нашите кумашини за свадба, добив најразлични сугестии од околината, а најбизарниот предлог беше дека можеме да им партиципираме со одредена сума на пари за некое егзотично патување за медениот месец.

На моето, очигледно наивно и глупаво прашање колку треба да изнесува таа партиципација за егзотичново патување, добив одговор како од пушка – па минимум 500 евра, проследено со гримаса која кажуваше – „Толку ли си смотана па и ти што не ја знаеш тарифата за кумството“ и „Дај не биди скржава, зошто си ма таква?“

Тука следува стандардното – а ти што си побара да ти дадат? Пари или подарок? Пред да успеам да изустам дека не сум побарала ништо и евентуално ако ме прашаат тоа ќе биде некој скромен и симболичен подарок, почнаа да се даваат предлози од типот на скапи чанти, парфеми, накит и уште поскапи часовници.

Сите се знаеме горе-долу што луѓе сме, колку пари заработуваме, па моето прашање е до кога планираме да глумиме лудило и кому упорно се покажуваме и докажуваме со овие мегаломански дарувања?

Дијагнозата ја имаме, ние сме лудаци кои очигледно немаат поим каде живеат и со какви суми располагаат месечно. Да дадеш некому подарок од 500 евра, според мене треба да заработуваш 3 пати повеќе од тоа, а не 3 пати помалку.

Каде сме слепци кои одвај врзуваат крај со крај, па уште и самите си наметнуваме некои неверојатно високи стандарди кога станува збор за вакви работи. И од страв и срам што ќе кажат другите околу нас во состојба сме да мизеруваме и година дена, да сме на леб и маргарин секој ден, ама да се покажеме како најдобрите и најдарежливите кумови.

Па да е само подарокот од кумовите… каде се сите други ситници? Тортата, бонбоните, црквата, материјалот, прасето, лепењето пари на музиката, сите традиционални утврдени и додадени помодарски правила на денешниве свадби? Па нели треба да се дотераш, да се стокмиш, кума ли си, што ли си… глава да те фркне. Ако не си при пари, а имаш огромна желба да кумуваш некому или некој те кани да му бидеш кум, излегува дека не можеш да ја прифатиш улогата поради финансиски причини, што е вистински тажно.

Многумина па гледаат некаков бизнис во сето ова. Намерно калкулираат кој да им биде кум или пак старосватица, бирајќи ги врз основа на нивниот паричен капацитет, што е уште пожално. Во каков свет живееме, едни со други ќе се изедеме. Ние сме земја со апсолутно најниски примања и убедливо најскап вкус за подароци.

За среќа, и моите кумови и моите кумашини се скромни луѓе, цврсто прилепени на земјата. Ниту ние побаравме некој екстравагантен подарок, ниту пак тие посакаа брендирани часовници, скапи мобилни телефони, козметички препарати колку една просечна плата, итн.

Тоа се луѓе со усул, со домашно воспитување кои не ги гледаат работите низ призмата на парите. Поважно беше да се провеселиме и вистински да уживаме во убавиот ден кој се памети вечно.

Никој нема да памети каков подарок сте однеле за неколку години. Моите одвај може да се сетат што им подарил кумот. Но, точно се сеќаваат колку се веселеле на свадбата и како се дружеле и сè уште се дружат години подоцна.

Важна е честа, почитувањето, дружбата, колку многу некој се радувал за вас и вашата љубов и ви ја благословил. Толку многу работи се поважни од глупавиот подарок од кумовите или оној за возврат од кумашините.

Никој не го прераскажува фамозниот подарок. Се прераскажуваат смешни приказни и анегдоти, се испишуваат спомени и ќе дојде денот кога тие ќе ти бидат најубавиот и најскапиот подарок од овој живот и ќе те топлат тогаш кога ниту едно друго материјално предметче нема да умее да го направи тоа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg