Мамо, ти благодарам што си со мене. Те молам, остани што подолго...
Ја донесов мајка ми да живее со мене, засекогаш. Ништо не планирав однапред, само еден ден решив и ја донесов, со еден куфер.
Во куферот имаше топли хулахопки, папучи на кои има извезено „Најдобрата баба на светот“ (подарок од моите деца), топол фустан за по дома, ноќница, и од непозната причина едно перниче. Мајка ми сама се спакувала.
Веќе 3 недели живее кај мене таа стара девојка, која како повоторно да има 4 годинки. Ситничка, со нежно бела пунџа, со хулахопките малку подбрани околу глуждовите, шетка низ станот, тропка со своите топли папучи.
Внимателно ќе застане на прагот од собата, па високо ќе ја подигне ногата, како да преминува некоја невидлива препрека. Му се смешка на кучето во ходникот.
Слуша невидливи луѓе и секојдневно ми раскажува новости за нив. Срамежлива е и долго спие. Грицка само од чоколатцата кои јас ќе ѝ ги оставам и во собата си пие чај. Ја држи шолјата со двете раце, бидејќи ѝ се тресат.
Страшно се плаши да не ја изгуби бурмата, да не ѝ падне од прстот, па постојано ја проверува дали е на место.
Наеднаш гледам колку е стара и беспомошна. Само се препуштила, предала и престанала да биде возрасна. Сосема ми го довери својот живот, до најмала ситница.
Најсреќна е кога сум дома. Кога ќе дојдам, така се издишува со олеснување, што се трудам никогаш да не доцнам.
И повторно секој ден ѝ готвам супа за ручек, како таа на мене во детството, и повторно на масата има чинија со домашни колачиња.
Што чувствувам? На почеток – ужас. Беше независна, 3 години по смртта на мојот татко сакаше и научи да живее сама. Ја разбирав, првпат во животот, во 80 години, мајка ми го правеше она што јас го сакав. А, потоа тој проклет вирус ја скрши мојата мајка. 2 месеци болест направи нејзината психа да попушти.
Сега чувствувам сожалување кон овој нежен, драг човек. Чувствувам само љубов и нежност. Добро разбирам каде ова води, но искрено, сакам да биде среќна на тој пат – со својата сакана ќерка, во топлината и удобноста на домот. Со домашни пити и колачи. Останатите работи и онака не ѝ се важни.
Сега дома има ќерка од 83 години и среќна сум што имам прилика да ја усреќам на залезот, а мојот живот да биде смирен, без каење.
Мамo, ти благодарам што си со мене. Те молам, остани што подолго...
Би можело да ве интересира:





