Кога ќе дојдат оние тешки мигови - знај дека никогаш не си сам...
Роденден, безброј пораки, повици, честитки…
За мене веќе типично клише. Ден кој го паметиме поради личност, која како по некои скроени правила од непознат автор, тогаш треба да ја има главната улога и целото внимание.
Размислувам колку е апсурдно, и повторно, немам никаков одговор.
Твојот роденден за мене има друго име. Име кое не се изговара, име кое се состои од безброј единствени чувства кои ги предизвикуваш во мене.
Моето второ јас. Моето добро утро и добра ноќ, моето денес и утре, мојата најголема поддршка.
Човекот кој секој мој проблем го прави помал отколку што изгледа, а секоја моја среќа ја множи со илјада.
Велат освен ум, постои и мудро срце. Мој доказ за тоа си ТИ.
Кога не би те пронашла, сигурно би била лута на животот.
Ти си сѐ што никогаш не сум знаела дека го посакувам. Сѐ што ми е потребно, неопходно.
Поради твојата љубов сакам и се радувам на сѐ околу себе.
Ти си мојата ведрост во најтажните мигови, најдоброто нешто што ми се случило.
И немаш еден, за мене ти ги имаш сите денови во годината, сите минути, сите секунди кои поминале и кои допрва доаѓаат бидејќи без тебе, јас не сум јас.
И ветувам, ќе се обидам никогаш да не ја тргнам насмевката од твоето лице и онаа милост во твоите очи која ги лечи сите рани.
А кога ќе дојдат оние тешки мигови, знај дека никогаш нема да бидеш сам, бидејќи во љубовта освен множење постои и операција делење...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





