Кога животот ќе ти земе некој што си го сакал – сфаќаш колку времето е кратко (и колку значи еден миг)

Дали некогаш болката за загубената личност поминува? Дали времето ја лекува раната што се отворила по загубата на родител? Дали некогаш ќе се намали потребата што ја чувствуваш барем само уште еднаш да му го слушнеш гласот?

koga-zhivotot-kje-ti-zeme-nekoj-shto-si-go-sakal-sfakjash-kolku-vremeto-e-kratko-i-kolku-znachi-eden-mig-01.jpg

Кога си млад и безгрижен веруваш дека родителите се семоќни, дека секогаш ќе бидат тука за да ти помогнат, да бидат тука за тебе, а ти ќе им обрнеш внимание тогаш кога (ти) ќе имаш повеќе време.

Не знам ниту сама колку пати сум го одбила телефонскиот повик на мајка ми, затоа што, ете, во тој момент сум била на работа, на факултет или, пак, не сум имала трпение да разговарам со неа, да ѝ објаснувам, да се правдам...

Друштвото е поважно, пријателствата мора да ги негуваш, а родителите се тука и нема да ти се налутат. Нели?

Си заминав од нејзиниот дом со спакувано куферче и ветив дека ќе се враќам секогаш кога ќе имам можност, а со текот на годините можностите беа сѐ помалку.

Образование, па работа, па кариера, па брак, па живот. Секогаш имаше нешто поважно од тоа да одам и да ја видам. Зошто? Затоа што арогантно верував дека го имам целото време на свет и дека таа може да чека додека јас да реализирам сѐ што сум наумила и да се реализирам себеси.

А потоа што се случи? Ништо! Мама се разболе. Не верував дека тоа може да ни се случи и нам, но ете, се случи. Со години трпела болки и не кажувала, за да не ги попречи моите соништа и да не ме загрижува – ме залажувала дека го имаме целото време на светот. Но, не ја обвинувам неа – се обвинувам себеси.

Чувствувам грижа на совест затоа што толку бев себична и посветена на себеси. Требаше ли да се разболи за да заборавам на сѐ друго? Требаше ли да се чувствувам загрозено дека веќе ќе ја нема за целата енергија ја пренасочам кон тоа за да најдам спас, да купам време?

Правев сѐ за да позајмам уште некоја година и да украдам само уште некој миг – но, доцна беше. Велат дека надежта последна умира, а јас се надевав дека ако тогаш ѝ го посветам целото време и внимание ќе успеам да се искупам и претплатам уште неколку години.

Но, време немаше. Се скрши песочниот часовник на нејзиниот живот, а надежта се претвори во грутка што тежи на градите и боли затоа што, дури кога ја снема, сфатив колку е кратко времето.

Тогаш сфатив дека секој миг е важен, копнеев само уште еднаш да ѝ го слушнам гласот – па и да ме искара, да ме искритикува, да се расправам со неа, да ме обвини – било што...

Само уште еднаш да заѕвони телефонот, само гласот да ѝ го слушнам.

Сите велат дека времето ги лекува сите рани и дека со годините болката ќе помине, а иако поминаа пет години од денот кога се збогував со неа, чувствувам како да ја изневерив личноста што ми го даде животот.

Не, времето не ја лекува раната. Не, болката не поминува. Само со текот на времето учиш како да живееш со неа, да ја стуткаш во најдлабоките делови од сопствената душа и да живееш во страв дека некој миг, мирис или ситуација ќе те потсети на тоа што си го загубил, како сол на рана – а тогаш боли уште посилно.

Кога сега би можела да се вратам на сите тие пропуштени можности, не би избегнала ниту еден момент за да ја прегрнам и да ѝ кажам колку ја сакам.

Иронично, но не сме ниту свесни што сме имале додека не го загубиме – а некогаш не сме ниту свесни дека времето е кратко и дека утре можеби ќе биде доцна за да им кажеме на драгите луѓе колку ги сакаме.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg