Си ја убил пријателката и ја изел, но бил ослободен: Како канибалот Исеи Сагава станал ѕвезда во Јапонија?
Исеи Сагава убил и изел своја блиска пријателка, но откако поминал четири години во ментална институција, бил пуштен на слобода. Почнал да издава книги, па и да гостува во емисии, и наместо да одговара за одвратното злодело, тој станал ѕвезда во Јапонија.

Во некои изолирани заедници на далечни дестинации, како во амазонската прашума, антрополозите имаат забележано канибали.
Некогаш овие луѓе консумираат човечко месо како дел од ритуал – на пример, ги јадат починатите бидејќи така им оддаваат почит. Некои, пак, ги јадат телата на нивните воени противници.
И, овие примери на канибализам, колку и да ни звучат мрачно и морничаво, за овие народи се норма, иако канибализмот како појава станува сè поредок.
Од друга страна, постојат луѓе во модерното општество кои се опседнати и фасцинирани од идејата да консумираат човечко месо и со тоа можат да се опишат како психопати.
А, кога ќе слушнеме дека некој убил и изел друг човек, очекуваме да биде зад решетки.
Но, ова не е случај со јапонскиот канибал Исеи Сагава кој не само што е на слобода, туку во родната земјата стекнал и статус на ѕвезда.
Како убиецот и канибал успеал да избегне затворска казна?
Бил опседнат со канибализам уште од детството
Исеи Сагава бил роден во 1949 година и бидејќи бил предвремено роден, речиси умрел за време на породувањето. Уште како дете се соочувал со низа здравствени проблеми, но имал релативно удобно детство бидејќи неговите родители биле успешни и богати.
Наводно, почнал да се интересира за канибализам поради игра што ја играл со татко му, чичко му и својот помал брат. Чичко му и татко му се преправале дека се џинови и ги бркале децата бидејќи сакале да ги „изедат“.
Но, и откако пораснал и веќе не ја играле играта, фасцинацијата на Сагава со канибализмот останала.
Првпат пробал да изеде жена на 23-годишна возраст
Како кај многу убијци (и психопати и канибали), и Сагава почнувал да го поврзува убиството, а со тоа и јадењето човечко месо, со сексуално задоволство.
Во 1972-ра, кога имал 23 години, решил да си ја задоволи бизарната потреба, па упаднал во стан на жена во Токио. За среќа, бидејќи Сагава бил висок само 145 сантиметри, жената лесно го совладала и повикала полиција.
Сагава бил уапсен и обвинет за сексуален напад, без надлежните да знаат дека имал намера да ја убие и изеде жената, а не да ја силува. Сепак, неговиот татко истапил – ѝ понудил голема сума пари на жената за да ја повлече тужбата, па Сагава бил ослободен.
Успеал да убие своја колешка на факулет и да ја изеде
Во 1977 година, Сагава се преселил во Париз за да студира на престижниот Универзитет Сорбона. Овде ја запознал Рене Хартевелт – студентка на истиот факултет која потекнувала од Холандија.
Тие се спријателиле и девојката честопати одела кај него на гости. Но, како што се развивало нивото пријателство, Сагава станувал сè поопседнат со идејата да ја убие и изеде.
Во 1981 година, тој купил пиштол, ја поканил на вечера и ја убил во неговиот дом. Наводно, пред ова убиство, Сагава неколкупати најмувал сексуални работнички со цел да ги убие и изеде, но се премислувал.
Кога веќе ја убил колешката од факултет, изел дел од нејзиното тело, па купил два куфера за да ги скрие остатоците.