Пензионерки убивале бездомници за пари од осигурување во 2000-тите: Детали за убиствата на „црните вдовици“
Во нивните доцни 60-ти, Хелен и Олга убиле бездомник и од животното осигурување што го натерале да го извади подигнале над 1 милион долари. Потоа, во осмата деценија од животот, повторно го извеле планот, но разбудиле и сомнеж кај осигурителните компании…

Кога се во прашања убиства, особено планирани и со умисла, ретко помислуваме дека убиецот е жена, уште помалку жена на возраст од 60 и повеќе години.
Но, Хелен Голеј и Олга Рутершмит извршиле две свирепи убиства, а планирале и трето кога веќе ја „газеле“ осмата деценија од животот.
Целта им била да ги земат парите од животното осигурување на нивните жртви и разработил детален план кој им помогнал да станат побогати за неколку милиони долари.
Поради нивната возраст, денес случајот е познат и како „убиства на црните вдовици“.
Хелен Голеј (лево) и Олга Рутершмит (десно)
Грозоморни факти за убиствата што ги извршиле двете старици:
Олга Рутершмит била родена во Унгарија во 1933-та, а се преселила во САД во 1957 година.
Со сопругот имале кафетерија во Лос Анџелес, а по разводот во 1970-тите, се преселила во Лос Анџелес.
Хелен Голеј била родена во Тексас во 1931 година. Потоа живеела во Лос Анџелес, каде поседувала неколку имоти што ги издавала и, генерално, била во мошне добра финансиска состојба.
Олга и Хелен се запознале во 1980-тите, во фитнес-центар во Лос Анџелес. И уште на почетокот на нивното пријателство, користеле измами за да се стекнат со некаква добивка.
Наводно, омилена „разонода“ им била да одат во скапите хотели со базен во Лос Анџелес, каде ограбувале мажи.
Во 1990-тите, станале многу поамбициозни, па направиле план да убиваат за да добијат пари од животното осигурување на жртвите.
Бидејќи во Лос Анџелес имало многу бездомници, им се чинеле како лесна мета, а сфатиле дека можат да го користат и фактот што и двете имале над 65 години и делувале безопасно.
Двете жртви на Олга и Хелен се Пол Вадос и Кенет Мекдејвид кои ги нашле во шелтер за бездомници во Лос Анџелес. Пол го убиле во 1999-та, а Кенет во 2005 година.
Им се претставувале како старици кои само биле заинтересирани за нивните животи и нивните премрежја и проблеми.
Често ги посетувале, им купувале храна и по некое време успевале да ја стекнат нивната доверба.
Кога склопиле пријателство, стариците им понудиле и сместување кое и двајцата мажи со задоволство го прифатиле.
Тие толку им верувале на жените, што не се посомневале во ништо кога им рекле да потпишат полиса за животно осигурување.
Условот бил мажите да се согласат дека во случај на смрт, парите од животното осигурување ќе завршат кај Олга и Хелен.
Но, бездомниците не знаеле дека Олга и Хелен потоа извадиле уште неколку животни осигурувања, од разни компании, фалсификувајќи ги нивните потписи.