Како изгледа животот со Туретов синдром – Ја опцу кралица Елизабета во лице, кажа навреда на BAFTA
Џон Дејвидсон е лице со Туретов синдром поради што неволно испушта крици и кажува работи кои неретко се вулгарни и навредливи. Кога кралицата му давала орден за неговите напори да ја зголеми свесноста за синдромот, тој неволно извикал „Е*и ја кралицата“. И, ваквите испади се секојдневие за Џон кој нема апсолутно никаква контрола над своите тикови.

Џон Дејвисон е име што се прослави преку ноќ благодарение на неговиот „испад“ на годинашното издание на BAFTA.
Џон е личност со Туретов синдром, а воедно е и активист кој се залага за зголемување на свесноста за неговото нарушување.
За неговата инспиративна животна приказна беше снимен филм – I Swear – кој на BAFTA имаше пет номинации, а победи во две категории.
Поради ова, Џон беше почесен гостин на настанот, но му се случи и непријатен момент.
Голем проблем на лицата со Туретов синдром се неволните извици и крици, но и кажувањето навредливи и вулгарни работи.
Тие немаат контрола над работите што ги кажуваат и јасно е зошто ова може да биде проблематично, но и зошто е важно да се зголеми свесноста за синдромот.
На церемонијата која се одржа на 22-ри февруари, во еден миг на сцената застанаа актерите Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо за да презентираат награда.
Во тој момент, Џон неволно извика расистичка навреда - n***er.
Неволниот испад на Џон предизвика лавина реакции – додека некои луѓе пробуваат да го одбранат, други се навредени, без разлика што Џон нема контрола над неговите тикови.
Актерите кои ја презентираа наградата не изреагираа, но подоцна водителот на настанот, Алан Каминг, се извини и проба да даде објаснување.
Се извини и телевизијата BBC која го пренесуваше настанот.
Иако дебатата за тоа колку е виновен Џон веројатно ќе трае уште долго, вреди да дознаете нешто повеќе за неговата животна приказна и многуте предизвици што му ги донел Туретовиот синдром.
Што знаме за Џон Дејвидсон?
Џон, кој потекнува од Шкотска денес има 54 години, бил дијагностициран со Туретов синдром во период кога скоро ништо не се знаело за нарушувањето.
Тој има посериозен облик на синдромот кој се карактеризира со неволни движења, испуштање крици и извици кои некогаш се навредливи и вулгарни.
Џон имал само 12 години кога ја добил дијагнозата, а во средина каде што никој немал разбирање за неговата состојба, му било особено тешко да се вклопи.
Јавноста првпат дозна за него благодарение на документарецот John’s Not Mad (Џон не е луд) од 1989 година каде се прикажани дел од предизвиците со коишто се соочувал, како бркање од часови поради тиковите.
„Секојпат кога влегував во училница, наставникот ми викаше ’Џон, оди на бирото на крајот од училницата или седи во ходникот‘.
Или, имаше мала просторија во склоп на училницата и наставникот ме тераше да седам таму, со затворена врата. Сето ова за да не го одвлекувам вниманието на другите ученици.
Ова беа особено тешки периоди бидејќи се чувствувам многу, многу осамено“, раскажува Џон.