5 работи што луѓето во Финска ги прават поразлично од нас (и затоа се посреќни)
Сметаат дека потиснувањето на емоциите не им е од корист и без разлика каде живеат, се трудат да минуваат многу време во природа.

Со години наназад, нордиските земји важат за едни од најсреќните во светот, додека Финска долг период го држи првото место.
И покрај тоа што зимите се долги, а во некои делови од земјата има и поларна ноќ, Финците се меѓу луѓето кои се чувствуваат најсреќно и најзадоволно од својот живот.
Според експертите за ментално здравје, покрај добриот социјален систем, постојат и одредени верувања и навики што ги прават Финците едни од најсреќните луѓе во светот.
Па, што прават поразлично од нас?
Не лажат за своите емоции
Ако сте како повеќето, тогаш сигурно имате навика да излажете дека сте добри, дури и во период кога се чувствувате навистина лошо.
Впрочем, многу луѓе се научени дека своите маки треба да ги чуваат за себе и самите да си ги решаваат проблемите.
Но, Финците знаат дека потиснувањето на емоциите не им е од никаква корист.
Па, тие споделуваат кога не се чувствуваат добро, а и за нив одењето на психијатар или психолог не претставува никакво табу.

Рамнотежата меѓу работата и приватниот живот им е приоритет
Иако Финците се вредни луѓе, тие знаат дека треба да направат рамнотежа.
Колку што им е важна работата, исто им е важно да имаат и време за себе и за своите блиски.
Покрај тоа, голем дел од нив не мора да патуваат далеку за работа, што им дава дополнително слободно време.
Опкружени се со природа
Финска е земја со природа како излезена од бајка, а овие убавини им се достапни на сите Финци. Активностите како кампување, планинарење и слично се честа разонода за нив.
Покрај тоа, без разлика дали живеат во голем или мал град, во близина секогаш имаат природа.
А, веќе добро познат факт е дека престојот во природа се одразува позитивно врз менталното здравје.

Постојано се унапредуваат и учат нови работи
За многу луѓе, учењето и усовршувањето завршува штом ќе дипломираат и ќе најдат работа. Но, не и за Финците.
Мнозинството од нив постојано учат и се усовршуваат, дури и ако на крај немаат некаква финансиска корист од тоа.
Овде спаѓа и учење вештини само како хоби, како на пример готвење и плетење.
Кога учиме нови работи, се чувствуваме позадоволно и поисполнето, а Финците многу добро го знаат ова.
Луѓето можат да си веруваат едни на други
Некои можеби ги перципираат Финците како „студени“ луѓе, но тоа не значи дека тие се лоши или измамници.
Напротив, во многу анкети Финците изјавувале дека вистински им веруваат на своите блиски, но и на познаници кои не се многу важен дел од нивниот живот.
Ова, пак, значи дека секогаш имаат поддршка од околината, што позитивно се одразува на нивната ментална состојба.
Спирова С. | Црнобело
