„Поминав цела деценија во заробеништво, на 10 минути од дома – на 14 години ме киднапира маж кој мислев дека ме сака“
„Од него зависев за сè – тоалетна хартија, влошки, па и чиста облека. Ако не правев што сака, не ми ги даваше најосновните работи. Јас му бев како роб и ако сакав да живеам, морав да го слушам.
Мојот свет беше четири ѕида… Очајно сакав да се вратам дома. Да ги видам постерите во мојата детска соба, да одам на училиште“.
Но, годините минувале и никој не ја спасувал Тања. Бидејќи претходно имала избегано од дома, татко ѝ се јавил во полиција дури 24 часа откако исчезнала.
Полицијата почнала да ја бара, испрашувале наставници и соученици, го испрашале и нејзиниот киднапер, но залудно.
Таа неколкупати пробала да избега од куќата, но напаѓачот ја фаќал.
„Се закануваше дека ќе ме убие додека спијам и му верував. Ме убеди дека никој не се грижи за мене, дека нема каде да одам. Дека ме заборавиле и дека никој не ме сака“.
Четири години откако ја киднапирал, напаѓачот ја претставил пред неговите родители, но со ново име – Ники Дајен Ален.
„Ми нареди да им кажам дека тој е мојот прекрасен дечко. Бев преплашена, па го слушав“.
По скоро цела деценија, поради физичката и психичката тортура што ја трпела, Тања веќе не ни пробувала да побегне, па напаѓачот ѝ дозволил поголема слобода, па дури и да си најде работа во продавница.
„Мислев дека тоа е тест. Бев убедена дека ако ја кажам вистината или не се вратам, ќе убие некој што го сакам. Сите пари што ги заработував беа негови, а не мои“.
Конечно, во март 2006 година, Тања собрала храброст да му ја каже вистината на нејзиниот шеф.
Тој веднаш се јавил во полиција, а напаѓачот бил уапсен.
„Мислев дека никогаш немаше да избегам од тој хорор“, се присетува Тања.
Напаѓачот бил обвинет за неколку дела, вклучувајќи и силување малолетник.
Но, не го обвиниле за киднапирање бидејќи Тања своеволно отишла кај него. Ова, вели, е детаљ што до денес ја буни.
„На крај доби 15 години затвор, но сакав да умре зад решетки“.
Наредните неколку години Тања ги поминала во лекување – одела на психијатар за посттрауматско стресно нарушување, а закрепнувала и од бројните физички повреди.
Вели дека до денес страда од мигрени и болка во грбот, по десет години поминати во една соба со малку светлина и минимална храна.
Оттогаш Тања успеала да изгради нов живот за себе.
Во среќен брак е, а двете деца на сопругот ги одгледала како свои. Сега имаат и внуци.
Киднаперот на Тања бил ослободен во 2022 година, живеел во истата куќа и бил регистриран како сексуален престапник.
„Живеев на само 15 минути од него и постојано се плашев дека ќе го сретнам. Бев спасена по цела деценија. Но, не можете да закрепнете од нето вакво. Преживувате. Учите да живеете со болката…
Важно е да ја споделам мојата приказна за никој да не мора да страда како мене“.
Спирова С. | Црнобело