Им исчезнал 4-годишниот син, но полицијата им вратила друго дете – мистериозната судбина на Боби Данбар

Во 1912 година, 4-годишниот Боби Данбар исчезнал, а по 8-месечна потрага бил пронајден и вратен кај неговите родители. Но, многумина се сомневале дали пронајденото момче навистина е Боби. И покрај тоа, момчето го продолжило животот како Боби Данбар, а дури во 2004 година, со помош на ДНК тест се утврдило дека сомнежите на другите биле точни.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-01.jpg

Роберт Данбар, попознат како Боби, исчезнал на 4-годишна возраст додека бил на риболов со неговото семејство во Луизијана, САД. Боби исчезнал во август 1912 година, но до денес останува мистерија што точно се случило со него.

Потрагата по Боби траела веќе осум месеци, кога властите слушнале за маж по име Вилијам Волтерс кој станал главниот осомничен.

Вилијам бил мајстор кој патувал низ Мисисипи со мало момче кое се совпаѓало со описот на исчезнатиот Боби. Поради ова, полицијата била убедена дека тој го киднапирал Боби и штом го нашле, веднаш го уапсиле.

Но, Вилијам тврдел дека момчето кое патувало со него е всушност Чарлс Брус Андерсон – син на жена по име Џулија Андерсон. Наводно, Џулија своеволно му дозволила да се грижи за него неколку денови.

Иако подоцна и самата Џулија го потврдила ова, полицијата сепак го уапсила Вилијам, а потоа ги повикале родителите на исчезнатиот Боби за да го идентификуваат детето.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-04.jpgЛево - пронајденото момче; десно - Боби Данбар фотографиран пред исчезнувањето

Дотогаш приказната се расчула низ САД, па скоро сите медиуми пишувале за мигот кога Боби бил обединет со неговите родители. Но, медиумите биле поделени во врска со реакцијата на Боби и неговата мајка Леси Данбар.

Според некои, детето веднаш извикала „Мамо!“ кога ја здогледало Леси и тие се прегрнале. Други тврдат дека детето плачело, а Леси изјавила дека не е сигурна дали тоа е нејзиниот син Боби.

Леси и сопругот имале уште еден син – Алонзо – а медиумите пишувале и за неговата средба со Боби. Нормално, приказните повторно многу се разликувале.

Додека едните тврделе дека Боби го извикал името на брат му штом го погледнал, па дури и го бакнал, другите пишувале дека Боби воопшто не го препознал Алонзо.

Сепак, и покрај противречностите, пронајденото момче заминало во домот на семејството Данбар и продолжило да си живее како Боби Данбар.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-03.jpgПронајденото момче фотографирано како Боби Данбар

Но Џулија, која тврдела дека тоа не е Боби, туку нејзиниот син, не се откажала така лесно. Сакајќи да му помогне на Вилијам, мажот кој се грижел за нејзиниот син, таа отишла на суд.

Џулија изјавила дека не е во брак и работела на фармата на Вилијам. Таа му дозволила на Вилијам да се грижи за син ѝ Чарлс на 2-3 дена додека биле на патувања, но потоа требало да го врати кај неа.

Со цел да потврдат дека пронајдениот Боби е всушност синот на Џулија, детективите ѝ покажале пет различни момчиња, вклучувајќи го и пронајденото.

Наводно, кога го видела пронајденото момче, тоа не ја препознало, а потоа Џулија изјавила дека не е сигурна дали тој е нејзиниот син.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-05.jpgЏулија со нејзиниот син Чарлс

Следниот ден Џулија изјавила дека пронајденото дете дефинитивно е нејзиниот син, но детективите повеќе не ѝ верувале.

Бидејќи немала повеќе пари и морала да се врати на работа, Џулија се откажала од обидите да докаже дека пронајденото дете не е Боби, туку нејзиниот син Чарлс.

Подоцна нејзините внуци откриле дека таа често го спомнувала нејзиниот изгубен син. 

Кога дошло судењето на Вилијам, судијата одлучил дека пронајденото дете е Боби, па го осудил мажот на казна затвор поради киднапирање.

На судењето имало неколку сведоци кои тврделе дека го виделе Вилијам со момчето уште пред исчезнувањето на Боби, но судијата не ги зел предвид нивните сведоштва.

Пронајденото момче, пак, целиот живот го поминало како Боби Данбар, сè до неговата смрт во 1966 година. Тој стапил и во брак, а имал четири деца.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-06.jpgПронајденото момче со членови од семејството Данбар

Две години по судењето, Вилијам бил ослободен од затвор, но само затоа што поднел жалба, а судиите сметале дека ќе биде многу скапо да одржат уште едно судење. Што значи, не се појавиле никакви нови докази за мистериозната судбина на Боби.

Многу години по смртта на Боби Данбар, односно пронајденото момче, неговата внука решила самата да почне истрага за целата ситуација.

Иако се надевала дека ќе најде доказ дека полицијата навистина го пронашла исчезнатиот Боби, како напредувала со истрагата, ѝ станувало сè појасно дека можеби властите направиле голема грешка.

im-ischeznal-4-godishniot-sin-no-policijata-im-vratila-drugo-dete-misterioznata-sudbina-na-bobi-danbar-02.jpg

Дури во 2004 година, внук на Боби се согласил да направи ДНК тест со цел да се разреши мистеријата. Резултатите покажале дека тој не е во крвно сродство со внуците на Алонзо – братот на „оригиналниот“ Боби.

Што значи, пронајденото момче не било вистинскиот Боби Данбар кој исчезнал во 1912 година. Сепак, не е утврдено дали пронајденото момче е синот на Џулија.

Од ова станува јасно дека речиси 110 години по трагичниот настан, уште не се знае каква судбина го снашла малиот Боби Данбар.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Затвореник кој се преправил во неговата ќерка и уште 5 обиди за бегство од затвор кои завршиле лошо Двајца затвореници од Бразил решиле да се обидат да избегаат така што се преправ...
Тажната жена последна се смее – Дора Мар, талентирана Југословенка чиј живот за малку ќе го уништел ... На Теодора Марковиќ, ќерката на познатиот хрватски архитект Јосип Марковиќ, изгл...
Позитива на денот: Фото-докази дека во светот сепак има прекрасни и добри луѓе Поради многуте лоши нешта што се случуваат, лесно е да заборавиме дека светот се...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg