Македонка сведок на тажна случка во наш мол: „Кога почна детската радост да вреди помалку од совршена фотка?“
„Девојчето застана пред елката и ја праша мајка си: „Зошто нашата елка не е вака шарена? Погледни колку е убава. Сакам да се сликам со неа“. Мајката - нервозен поглед, без емоција, отсечно изусти: „Ти некоја од село ли си за да се сликаш со елката? Тргнувај пред мене.“ - раскажува читателка на CRNOBELO.com.

„Пред нас е најубавиот период од годината - времето кога сè е украсено, блескавои некако магично. Но, зад таа магија, многумина носат свои приказни… тешки како камења. Други пак, живеат во свој розов свет.
Овој викенд решив да поминам мирно и обично неделно попладне – одмор, семејство, малку шетање низ градот.
Во еден од моловите, веќе се чувствуваше празничната еуфорија: брзање, кеси, насмевки што не се баш искрени… класика.
И во целата таа гужва – две очи блескави како лампиони на новогодишна елка.
Девојченце, можеби петгодишно. Она најубаво искренo. Со шарени алишта како само да си го отворило плакарот и си направило комбинација по своја мера.
До него – мајка му. Скромна жена, едноставно облечена. Нема брендови, нема кеси… но има нешто многу повеќе: љубов.
Она вистинска, тивка, со прегратки и со очи што светат.
Детенцето застана пред огромната новогодишна елка и ја замоли мајка му да го слика. Никогаш, рече, немало видено толку голема елка.
Стоеше пред неа, гледаше во шарените лампиони и се радуваше. Искрено, гласно, не знаеше да ја скрие радоста и емоциите. Онаа чиста детска радост што не се купува.

И додека уживав во тој момент – од другата страна приоѓа мајка со девојче на истата возраст.
Полни кеси, брендирани алишта, беспрекорно средени. Еднобојни.
Но нешто недостасуваше. Блескавоста. Радоста. Боите.
Девојчето застана пред елката и ја праша мајка си: „Мамо, зошто нашата елка не е вака шарена? Погледни колку е убава. Сакам да се сликам со неа“.
Мајката – нервозен поглед, без емоција. Девојчето почна да инсистира.
И тогаш мајката отсечно изусти: „Ти некоја од село ли си за да се сликаш со елката? Тргнувај пред мене.“
Солзите во очите на девојчето паднаа без глас.
А мене… ми се заледи срцето. Не можев да поверувам дека ова се случува во живо и пред моите очи.

И тогаш ме удри мислата:
„Дали навистина социјалните мрежи ни ги уништија животите? Зошто живееме за слика и видео?
Зошто убавината мора да биде еднобојна, стерилна, „инстаграмска“?
Зошто заборавивме да се радуваме на шаренилото, на светлинките, на елката… на животот?
И најважното – Зарем една фотографија вреди повеќе од искрена детска насмевка?“
Доколку сакате и вие да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!
З. Б. / фото: Freepik.com