Македонец со моќна порака до мажите за 8 Март: „Да ги зачуваме цвеќињата за себе, а да го слушаме крикот на жените“

„За Ивана, за Росица, Марија, Римјана, Емилија… За малата Кате која и во тој малку живот не успеа да ја осети убавината на детството од насилството на нејзиниот татко. За сите жени и девојки што животот го загубија од раката на своите најсакани - драги мажи, барем годинава да си ги зачуваме цвеќињата за себе“.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-01.jpg

Особено трогнат од последната трагедија во соседството, одбивам да учествувам и ги повикувам сите разумни и нормални мажи да не бидат дел од лицемерното чествување на 8 Март, и наместо тоа, да бидеме присутни кога сме најпотребни преку целата година.

Неколку недели наназад низ глава ми се вртеше дел од овој текст. Си реков, секоја година жените пишуваат колумни за Меѓународниот ден на жената, па да пробам годинава да придонесам со една друга перспектива, па наместо до жените, да се обратам до нас мажите.

Пишувањето се остави за ако се најде време, а тоа време, за жал, дојде многу брзо. „Мајка скокнала од тераса со своето дете во Тафталиџе“...

Чекај малку, јас живеам таму, ова е преку улица!? Доволно далеку да слушнам и реагирам, доволно близу да ставам лице на жртвите. Кога седнав да разгледам што стварно се случило, за момент нешто се промени.

Вестите за фемицид што до тогаш ги гледав како уште една обична трагедија и несреќен случај, сега добија на боја и смисла. 

Жртвите на оваа трагедија веднаш добија лик, лик што веројатно безброј пати сум го сретнал во маалското дуќанче, без да знам што се крие зад нивните тажни очи.

И така, нешто што инаку ќе се пишуваше со часови, сега се напиша во еден здив.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-07.jpg

Едни купуваат, други се радуваат, а никој не знае зошто

Уште од деновите во предучилишна возраст и првите години од основното образование, за нас, а верувам и за новите генерации, првата недела од март навестуваше голема радост. Потопло сонце, подолги денови, повеќе можности за игра со другарчињата после школо на улица.

Но, она по што верувам сите ја паметиме и за што традиционално беше резервирана е изработката на колоритни цртежи, слатки пораки и цвеќиња за време на часовите, за нашите мајки, баби, тетки, стрини.

Да вложиме труд и дел од нашето скапоцено детско време, да дадеме внимание, да стоплиме нечие срце.

Во периодот на растење и созревање, заедницата и образовниот систем успешно ни всадија во детските глави дека 8 март е денот на мајката, денот на девојките, Денот на жената.

Ден кога на т.н. „понежен пол“ општеството треба да посвети особено внимание.

Нешто да создадеме, нешто да напишеме, па и нешто да им купиме и да ги израдуваме. И толку…

Никој никогаш не се потруди да вложи исто толку труд и време колку што ние вложувавме во нашите изработки и да нè подучи што е суштината на тој ден.

Кој започнал да го слави? Зошто? Што е пораката што треба да ја пренесе? Што е целта што треба да ја постигне?

Дали го правиме чисто колку накратко да ги израдуваме жените во нашиот живот или треба да ни послужи како потсетник дека треба да ги почитуваме и чуваме не само тој ден, туку преку целата година.

Верувајте, и ден денес да ме прашате нешто од ова, не знам дали би ви дал одговор.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-02.jpg

Со годините, и покрај неговата силна симболика, почнав да го презирам, па често и да не ги исполнувам предвидените адети за тој ден.

Го гледав и сè уште го гледам како голем ден, кој за жал општеството, а дури и жените, целосно погрешно го доживуваат.

Ден на големи очекувања да ја задоволат својата потреба од внимание и да добијат подароци - за жените, и ден на социјален притисок за креативност и присилба кон лицемерие - за мажите.

Поразлично од повеќето обични утра, утрото на 8 март жените и девојките посебно насмеани итаат кон своите работни места и универзитетски клупи.

Денес е денот кога сè се врти околу нив. Денес е денот кога за чудо, сите ги почитуваат.

Во цвеќарниците, невообичаено, мнозинството мажи, со отворени очи и особен интерес се трудат да го изберат најдобриот поклон за своите сакани.

Кафаните и баровите полни - голем број жени кои за првпат после месеци излегле да се развеселат - не дека инаку не сакаат, туку дека само денес имаат причина и дозвола да излезат и да го слават животот.

Изнемоштената бабичка и понатаму е со гајбата цвеќиња пред Буњаковец, со последните сили чека денот да заврши, ама барем денес за промена денот го минува со широка насмевка и очи насолзени, од радост, дека денес луѓето одеднаш не ја одминуваат како до вчера.

Малите дечиња со надуени срцести балончиња, пак, неочекувано се добредојдени на секоја маса во Дебар Маало. Сѐ е поразлично. Денес се слави жената, а од утре се „Jово на ново“.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-04.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Можеш ли да се сетиш кој беше пред светот да ти каже кој треба да бидеш? И не можам да се сетам која бев пред ти да ми кажеш која треба да бидам. Но знам...

Најчитани неделава