Македонец со моќна порака до мажите за 8 Март: „Да ги зачуваме цвеќињата за себе, а да го слушаме крикот на жените“

Ајде барем годинава да не се правиме на удрени

Вака денот во Скопје изгледал на 8 март пред неколку децении, вака изгледаше пред две години, а ми се чини ништо поразлично не беше ниту лани.

Но, барем годинава нека е поразлично? Ајде барем годинава да си го оставиме лицемерието и душегрижноста дома.

Ајде барем годинава да не им подаруваме поклони на жените и да се залажуваме себеси дека гревовите за тоа како ги третираме како општество секој ден во годината ќе се избришат со едно купено каранфилче и кратка срцезатоплувачка порака, бакнеж и честитка.

Ајде барем денес да не лажеме дека со новиот парфем ќе се искупиме за минатиот што им го скршивме, или дека со големиот букет рози ќе ги подзаборавиме шамарите во кола од минатиот викенд.

Ама добро, ако стварно инсистирате нешто да им подариме, еве во најмала рака, дајте барем нека не е на самиот ден.

Нека е во мај кога ќе седнеме како мажи да позборуваме со нашиот ближен за неговото ново „хазардно хоби“ на кое го троши семејниот буџет, не е безизлезно и дека бесот што го носи дома не е приватна работа.

Или, да ја пролонгираме уште некој месец, во јуни, кога наместо да вртиме глава пред пијаниот дечко што малтретира девојки пред дискотека, ќе одлучиме да истапиме и да глумиме дека сме нивни пријатели.

Или да подариме нешто во август, кога ќе бидеме глас на нашите безгласни мајки, тетки, вујни, работнички кои ќе се пожалат дека по враќањето од презаслужениот годишен одмор, мобингот на работа од нивниот шеф и понатаму продолжува.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-03.jpg

Ако случајно се подзаборавиме, а дошол септември, може наместо честитка да направиме чистка од профили што пропагираат мизогинија по социјалните мрежи и луѓе што лајкнуваат и споделуваат рилчиња со анегдоти за „шамарање млади девојки у старо Фиќо“.

Или ајде, нека биде тоа и во рана зима, кога семејното насилство станува почесто: да честитаме со тоа што ќе бидеме поткрепа на наша пријателка, роднина, сосетка кога ќе има потреба од засолниште и сигурен дом, понастрана од својот насилен партнер.

Ако годината поминала, а ние тек тогаш сме ги симнале розовите наочари, пред новиот 8 март ќе имаме можност конечно да го пријавиме и конфронтираме насилниот сосед што со години ја тепа својата сопруга пред очите на своето мало дете.

И иако целото соседство му се плаши, а и нам коски ни се тресат пошто знаеме од што го печали лебот, верувајте ми, четиригодишното невино девојче затворено во малиот стан со него е многу поисплашено од нас и никогаш нема да ни ја заборави таквата осмомартовска честитка, што ја заслужила повеќе од било кој на светов.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-06.jpg

Нашите осмомартовски честитки завршуваат во канта

Џабе другари трчаме да купуваме поклони и да го чествуваме Денот на жената кога секој ден, свесно или несвесно, ги оставаме сами да се соочуваат со предизвиците што нивното секојдневие ги носи.

Џабе ќе им честитаме ако ништо не сме направиле од претходниот 8 март да ги заштитиме да не бидат малтретирани, тепани, силувани, убивани од насилниците што се насекаде околу нас.

Џабе ќе им честитаме кога сме рамнодушни и го исмеваме нивниот оправдан страв од непознати луѓе на враќање навечер дома, од секој агресивен и непријатен таксист во ноќните часови, од секој маж што ќе ги погледне во, и така не функционалниот јавен превоз, од насилството што го трпат од нивните најблиски, во домот каде треба да се чувствуваат заштитено и безбедно.

Со два ножа и ножици ја избодел мајка си до смрт“, „Четворица неготинчани силувале 13-годишно девојче“, „Ја удирал партнерката пред четиригодишната ќерка“, „Скопјанец ја давел и тепал бремената девојка, го убедила да одат на лекар па побегнала на семафор“, „Почина бабата која беше брутално претепана од својот внук“, „Сериски убиец во Куманово, таргетирал жени“, и едно од најболните: „Мајка и ќерка загинаа во Тафталиџе“.

Колку и да сакам да помислам дека ова е колаж на настани од изминатата деценија, ова се само мал дел од насловите што ги посведочивме во новата година, а едвај поминале два месеца.

Сите ние како општество, како соседи, роднини, пријатели избираме да соучествуваме.

Свесно избираме да го игнорираме крикот за помош на жртвите што од немање избор даваат нова шанса на дечкото насилник, сопругот дилер, внукот коцкар, соселанецот со психички проблеми.

На наши раце е секоја повлечена пријава од секоја жртва на семејно насилство.

Пријавите никогаш не се повлекуваат од љубов, туку од страв. Страв од непознато, страв од одмазда и реперкусии, страв од демнење, од критики од општеството...

Во општество каде насилството е секојдневие, луѓето тешко се ставаат себе во улогата на жртвата и не се обидуваат да ја разберат нејзината положба, па наместо да ѝ понудат поддршка, жртвата често се соочува со непотребни обвинувања, напади и нов удар врз нејзината гордост и достоинство.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-05.jpg

Повик, наместо честитка

Особено трогнат од последната трагедија во соседството, одбивам да учествувам, а и ги повикувам сите разумни и нормални момчиња и мажи во државата, да одбијат да бидат дел од лицемерното чествување на празникот на жената и наместо тоа да избереме да бидеме присутни во секој друг ден од годината, кога на жените навистина сме им најпотребни, без разлика дали се носат со дискриминација, обесправеност, или во најлош случај насилство.

Наместо букетот рози што за недела дена ќе овене, поголема корист ќе бидеме кога ќе се соочиме со суровата реалност дека незанемарлив број на мажи околу нас се насилници и дека поради сонливоста на институциите уживаат особена слобода за самоволие која мора да биде предизвикана и конфронтирана на секој можен начин, од мене, од тебе, од сите нас.

Кога системот потфрла, не мораме и ние!

За Ивана, за Росица, Марија, Римјана, Емилија… За малата Кате која и во тој малку живот не успеа да ја осети убавината на детството од насилството на нејзиниот татко.

За сите жени и девојки што животот го загубија од раката на своите најсакани. Нека конечно се разбудиме и станеме свесни за нашата граѓанска и човечка обврска да ги заштитиме безгласните кои и покрај сѐ што се случи, институциите продолжуваат да ги игнорираат.

Ниту една повеќе.

makedonec-so-mokjna-poraka-do-mazhite-za-8-mi-mart-da-gi-zachuvame-cvekjinjata-za-sebe-a-da-go-slushame-krikot-na-zhenite-05_copy.jpg

Ѓорѓи Хаџи Василев, политиколог

Фото: Freepik.com



Би можело да ве интересира:

Можеш ли да се сетиш кој беше пред светот да ти каже кој треба да бидеш? И не можам да се сетам која бев пред ти да ми кажеш која треба да бидам. Но знам...

Најчитани неделава