Туѓината пуста да остане што сите сакани од Македонија ми „ги зема“

tugjinata-pusta-da-ostane-shto-site-sakani-od-makedonija-mi-gi-zema-01.jpg

Сите ние сакаме да ја сочуваме Македонија, сакаме да го сочуваме идентитетот, јазикот, традицијата и културата. Но, сите ние сакаме да живееме вистински дури сме живи, а не да преживуваме во мизерија секој ден.

Затоа остануваме секој ден сè помалку. Бидејќи многумина соочувајќи се со фактот дека нема да дојде подоброто за кое се надеваме секој ден заминуваат од овде и одат да си ја бараат среќата во друга држава.

Колку мајки останаа без нивните деца? Колку деца останаа без нивните родители? Колку браќа останаа без нивните сестри? Другарки без другари?

Мајките ги изгубија децата пуштајќи го во „странство“ со надеж дека ако не друго дека барем фрижидерите ќе им се полни за разлика од нивните дома, дека нема да треба да работат по 2 смени секој ден за да можат да плаќаат кирија и сметки.

Децата останаа без родители бидејќи заминале во некоја друга земја каде ги плаќаат доволно за тие да можат да им овозможат на децата подобри услови за живот. А предучилишната мајчинска прегратка, онаа најтоплата? Онаа која никој не може да ја замени? За жал тие не ја почувствувале неа бидејќи нивните мајки не биле со нив на нивниот прв училиштен ден.

Уште од мали гледаме колку нашите родители работат за да ни овозможат подобро да живееме. Работат по дупли смени, по две работи за да можат да ни дозволат да студираме и на крај нашата диплома да не вреди ни пет пари. Да ја имаме само да го надополниме нашето CV аплицирајќи за келнер или продавач во маркет затоа што нашиот татко или чичко не е адвокат, па ние да станеме адвокати со нашата диплома од правен факултет.

Колку солзи исплакани од нашите поради тоа што ни се случува, начинот на кој живееме? Само тие знаат колку труд и напор сме вложиле да ја добиеме таа диплома. И така заминуваме во Америка, во Швајцарија, Германија кој каде може бидејќи таму и да работиме како продавач ќе имаме пари за да си дозволиме да живееме во наш стан, без да се прашуваме како ќе преживееме до крајот на месецот.

Бедна слика од реалноста кај нас. Жална е оваа вистина, но таква е каква што е. Колку училишта останаа празни, колку фабрики без работници и колку болници без лекари? Страшни последици, но кога еден се чувствува безвреден на некое место, не доволно награден за постигнатото нормално дека ќе го смени местото. Зошто да не ако има можности, зошто секој ден да мисли на тоа низ сѐ што минува за на крај се тоа да нема никаков резултат?!

Имаме потреба од вујко или чичко што е директор на училиште за да ние можеме да работиме како наставник. Инаку? Инаку ќе работиме како кројач во некоја фабрика или ако сме доволно среќни ќе научиме некој занает за 6 месеци и ќе бидеме фризери или столари. А што е со годините поминати на факултет? Нашиот труд, знаењата? Потта на нашите за ние да можеме да студираме?

Сè паѓа во вода.

Доста ни е веќе од солзи. Но, тие се резултат од збогувања на тие што најмногу ни значат. Премногу боли. Отсуствата на најблиските, на најважните луѓе во нашите животи премногу болат. Но, ќе останеме силни бидејќи знаеме дека таму ги чека подобар живот.

Автор: Мартина Дукоска

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg