Игор Џамбазов: Не, немам ќерка!
Го знаеме како актер, водител, шоумен, а можеби и никогаш не сте знаеле дека сакал да биде психијатар. Човекот за кој многумина зборуваат, а ретко кој знае.
Знаеме за неговиот брак со Искра, но никој не знае дека Игор Џамбазов се разведе од неа со возачка дозвола.
За ова и многу повеќе ќе дознаете од нашиот разговор со Игор, дами и господа, дозволете ни да Ве запознаеме со една поинаква страна на Игор Џамбазов.
Да не беше ова што си, што ќе беше?
Леле, што ќе бев. Кога се преломуваше во мене тоа што ќе бидам, иако од мали години знаев дека ќе бидам актер, јас сакав да студирам и да завршам психологија. Психологијата е еден голем сегмент од актерската уметност, бидејќи кога ја познаваш психологијата многу лесно можеш да дојдеш до решение за некој лик што има некаква психичка болест или слично. Некои викаат дека би бил добар адвокат, не знам. Но, сепак се ова претпоставки, ова се некои мои размислувања кога сум бил тинејџер, кога сè сакаш да пробаш и да бидеш.
Волшебното самарче под палка на Ацо Алексов, ова е една од твоите први улоги?
Па пред тоа имав повеќе работи снимано, почнав уште на 6 години. Ова веќе беше на 12 години. Првиот што ми даде шанса беше Ватрослав Мимица – хрватски режисер и на мои 6 години ме ангажираше. А, чичко Ацо Алексов е првиот што ми даде таква голема шанса, јас бев Трајче од Волшебното Самарче. Според мене имаше и многу поталентирани деца на тој кастинг тогаш, ама веројатно јас бев тој што веќе имаше искуство со сцена, камера итн. Па баш и во Волшебното Самарче се појавува и Митко Алексов еден од синовите на чичко Ацо. Сè на сè беше навистина прекрасно искуство.
Кој е Игор позади завесата?
Кога сум позади завесата, јас сум дома во истата поза од пред 10 години. 50% од денот сум во хоризонтала. Имам една шема, лежам на лева страна, бидејќи така немам тахикардија, хахаха.
Позади завесата, во твојот дом, каде е Емилија во оваа приказна?
Емилија е најважната жена во мојот живот. Единствена што не ме разочарала. Сè уште е единствената и би сакал така да остане, бидејќи само она ме нема изневерено во животов.
Спомена дека кога немаш работа си дома и пред ТВ, Игор беше на ТВ, сега гледа, што најмногу ти пречи?
Јас сум радикален по тие прашања. Би променил сè, почнувајќи од уредниците. Не може Лепа Брена на 2-ри Август да пее на ТВ. Не велам дека сите шоуа се лоши, ама ни недостауваат наши шоуа и програми, детска програма, образовна, научна, барем по половина час. Не ни требаат оние Пинк Ѕвезди со Аца Лукас и Цеца, тоа е многу лошо. Тоа е како да продаваш нелупени ореви и да го тераш човек да ги јаде пред тебе. Ама знаете како, Македончето, и тоа во деминутив, не е научено да биде слободно, се буни кога е слободно, не знае што треба да прави и како да се однесува. Тоа е веќе во генот влезено, а тоа е многу страшно.
Се врати во театар, а би се вратил ли пак на ТВ?
Да, ама не на вакви телевизии. Кога ќе ми речат да се вратам на ТВ значи да се вратам јас како Игор и да направам нешто што ми личи мене. И да, би се вратил. Мислам дека сум човек што заслужува барем едно шоу. Не сакам да правам нешто што е веќе видено, пред 24 години го имав тоа шоу дневна соба, со гости, со домашни миленичиња и од тогаш цело време е истото. Би се вратил ако направам нешто што ќе биде 20 години понапред, а не поназад.
Кога сме кај телевизијата, се информираш ли преку пишани медиуми? Портали?
На мојот лаптоп константо ги прегледувам сите портали и точно знам кои се добри кои не, кои се квалитетни, кои се независни. Се сеќавам пред неколку месеци, еве, замисли го татко ми Џамбаз кој приквечер си направил тостче и седнал на лаптоп да прочита нешто и гледа на еден од порталите наслов: Почина Игор Џамбазов. И сега телевизија за време на најгледани вести пушта телоп дека починал Игор Џамбазов, а јас не превземам мерки зошто знам од каде е тоа дојдено. Во Македонија постојат 3 до 5 релевантни портали и тоа е тоа.
Го споменавме театарот, колку време те немаше таму?
Ме немаше многу долго. Ако го тргнеме на страна моето гостување во Сомнително Лице по повод 100 години од раѓањето на дедо ми ќе испаднат и 20 години. Тоа е голема временска дистанца и затоа претставата со Весна ми беше некаква генерална проба, за да видам да не сум излезен од штос и дали заслужувам да се вратам. Ама некаде тоа го кажав, дека три работи не се забораваат: возење точак, секс и глума.
Што беше клучно за да те врати на театарската сцена?
Уф, па од првиот ден на пробите со Весна почнаа и понудите. Ама не сакав да ме притискаат, сакав сам да почувствувам и да се решам. Што знам, ете, една добра проба, тој мирис таму, па тие луѓе таму што го одобруваат тоа, веројатно тоа некако ме донесе повторно на сцена.
Малку од приватна страна, те спојуваа со многу жени, што се случува сега, има ли некоја?
Некоја мора да има, работата е само во која констелација ја има и колку често, хахаха. И јас сум свесен, а и дамите околу мене дека јас не сум човек со кого вреди да живееш. Приватно јас сум напорен човек, на пример јас како Игор Џамбазов никогаш не би прифатил да живеам со Игор Џамбазов, никогаш. Си имам свои закони и шеми и не смее никој да ми ги наруши, имам неколку часа во денот што сакам да се само мои. Има дами, но ништо сериозно. Еден дел од нив тоа го прават поради нивната биографија, а други пак се обидуваат да ме фатат на препад, како да сум јас некоја напалена тинејџерка, а они се некои газди па се обидуваат да раководат со мене и кога ќе дојдеме до заедничкото живеење, сè паѓа во вода.
Живееше со Искра, со оваа жена те знаеше јавноста, но она што многумина не го знаат е дека Игор Џамбазов без документи, само со пасош се ожени?
Токму така. Во право си за ова. Се оженив со пасош, но еве уште нешто интересно, се оженив со пасош, а се разведов со возачка дозвола. Како човек кој нема документи, еве се решив и конечно дојдов до моите сведителства од средно училиште, па навистина е интересно да имаш некаква документација, освен пасош и возачка дозвола.
Пред некое време се појави на балканско реално шоу една девојка со презиме Џамбазова?
Приказната е многу различна. На фан страната што ми е, ми јавија дека ми пишала Ана Марија Џамбазова. Девојката е од Хрватска, татко и е од Источна Македонија по потекло, Џамбазови сме од таму нели и ми објасни девојчето буквално сè. Приказната е многу тажна и е многу спротивно од тоа што луѓето го прераскажуваат. Не, не ми е ќерка. На кратко, таа ги загубила своите родители кога била многу мала, завршила во дом и останува таму до 18 години. Во неа го видов генот Џамбазови во таа борба со животот и можам да кажам дека е навистина храбра девојка. Последната порака е дека доаѓа во декември и дека сака да се запознаеме.
Велат ако сакаш во лето да го видиш Игор мора да отидеш до Слепче, трае ли уште таа приказна?
За жал некои работи во животот не можеш да ги контролираш и покрај најголемата желба. Таму поминав незаборавни 8 години. Пред неколку месеци почина еден од луѓето со кои јас ја спроведував таа идеја за убаво Слепче и од таа наша куќа да започнеме еден убав селски туризам. Човекот многу брзо си замина и едноставно мојата желба за Слепче спласна баш поради фактот што го нема него.
Размислуваш ли за некое друго место?
Во потрага сум, еве и јавен оглас. Сè уште сите работи ми се во Слепче. Буквално мојот мал музеј, наградите и сè она што ме опишува мене е таму.
„Умрен човек” постигна одличен успех, сега работиш на некоја нова книга?
Сега пред Нова Година ми излегуваат сите стихови што сум ги напишал во животот. Испаднаа некои 50-60 текстови и ги собрав и сега испадна како песнарка.
На што друго работиш сега?
Сега сум член на жирито на кастинг талент шоуто посветено на Тоше Проески, односно на мјузиклот кој МОБ ќе го направи во март месец. Се пријавија над 500 кандидати и навистина е убава идејата. Исто така со Гуру Харе и Сашо Гигов Гиш имаме песна за која подготвивме и спот, истата се вика Промена, а ние тројца сме под името Стари Мачори.
За крај, која е онаа реченица која те води низ сите овие години за да останеш тоа што си?
Еве нешто што сега е актуелно, некој од оние кои не ме сакаат нели, напишал: Кој е тој Игор Џамбазов, до кога тој ќе ме малтретира мене. Алудирајќи на тоа дека јас и тој се знаеме. Сега слушнав една генијална приказна од еден голем продуцент, вели: Човекот што се сликал со Анџелина Џоли, цел живот ќе раскажува дека се сликал со неа. Ама прашај ја Анџелина Џоли, дали се сеќава на него.
Автор: Сања Стојковска | Црнобело