Не си заминуваме толку заради платата, туку поради токсичната атмосфера на работа


Не си заминуваме толку заради платата, туку поради токсичната атмосфера на работа

Пред некоја недела кажав дека радо би земала помала плата доколку атмосферата на работа е подобра. Секако дека ми се изнасмеаа во лице. Секако дека за поголемиот дел од луѓето ова е безумност. 

Toksicna-atmosfera-na-rabota-01.jpg

И секако дека тие луѓе или не умеат доволно добро да премерат на кантар што е побитно или пак немаат никаков проблем на работното место.

За нив терминот „токсична работна атмосфера“ е непознат. За многумина од нас (верувам) е многу добро позната, горчлива тема.

Токсичната работна атмосфера не подразбира само лош шеф, иако ова се истакнува на преден план. Токсичноста на работата во голем дел ја креираат и колегите. Најчесто се лицемерни и во моментот кога ќе им го завртиш грбот подготвени да ти заријат нож во него.

Дел се од т.н. кланови, се групираат, обожаваат да озборуваат, да шират невистини. Или едноставно да „пукаат сеир“ бидејќи тоа им е еден вид храна за душата.

Уживаат кога ве гледаат во неволја, кога се мачите за некое задолжение или не можете да стигнете во предвидениот рок. Не се радуваат на вашите успеси, напротив, ви завидуваат, а им аплаудираат на вашите неуспеси со желби да ви се множат.

Токсичните колеги на работа најчесто се и емоционални вампири. Ретко се одликуваат со емпатичност, ретко излегуваат во пресрет. Можете да изброите на прсти на колку луѓе може да се потпрете на работа.

Останатите ве меркаат од глава до пети како сте облечени, потсетувајќи ве дека веќе сте ја носеле таа кошула минатата недела или прашувајќи од каде ви се парите за претстојното зимување?

Тие си дозволуваат да се плеткаат во вашите приватни работи и да поставуваат некултурни прашања. Со еден збор-ве преморуваат. Ви се „лоши“ од помислата дека треба да ги видите во новиот работен ден, да им посакате добро утро и да ги поминете следните 8 часа затворени со нив.

Шефовите се друга приказна. Тие се практично слепи и глуви за она што се случува пред нив, со нивниот тим за работа. Наместо да помогнат да се воспостави подобра работна атмосфера, тие уште толку ја доуништуваат, правејќи ја уште потоксична.

Очекуваат работниците да им се восхитуваат, да им се лигават, да им кажуваат работи, да ги „кодошат“ другите колеги.

Избираат своите „миленичиња“ и „жртви“… јасно е која е секогаш „на тапет“ и кој си поминува полошо.

Да, платата е битна. Сите работите за плата, не за бонбони. Но, кога работата создава толку многу непријатност и стрес, кога ви создава мачнини во желудникот, несреќа и депресија, кога се разболувате, кога имунитетот ви е константно ослабен, кога немате ниту една причина за насмевка на работното место, кога дел од вашата висока плата ја давате по лекари и на лекови… навистина, кому му е потребна таа висока плата покрај токсичната работна атмосфера?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Рамнотежата помеѓу работата и љубовта е невозможна мисија...или сепак ... Како вашата кариера да не ви ја уништува врската со личноста што ја сакате? Не м...
5 начини на кои работа од дома може да ви го спаси животот За повеќето од нас, патувањето на работа е појава која се повторува од понеделни...
Шест нешта кои не му ги должите на вашиот шеф Она што му го должите на својот шеф е максималниот напор што треба да го вложите...