На одмор со Маја Кикириткова во хрватски камп: „Поскапо е од кампување во Грција, но има топла вода и за миење садови“
Резервираме рано, затоа што често се случува да нема место или пак да ти дадат парцела која е далеку од плажа.
Кампот во Ровињ е далеку поразличен од камповите во Грција во кои сме биле. Има премногу активности за деца, Aqua park со базени и плус уште еден во самото море.

Како еден мал град во кој има буквално сè. Од маркети, тобако, неколку пекарници, пиљара, пицерија, бургер бар, неколку ресторани, плажа за миленичиња…
Има школа за пливање за деца, аеробик во вода, мини диско, кино, дел за играње Плејстејшн…

Кампот се наоѓа под борова шума, плажите се со природна сенка, нема лежалки, буквално е како во времето во Југославија кога сме оделе на одмор.

Во однос на цените, поскапо е во однос на Грција.
И парцелите за изнајмување и храната во маркети и седнување во ресторани.

Хигиената во кампот е на високо ниво, топла вода има постојано. Прв пат каде што одиме има топла вода и за миење садови.

Улиците секојдневно ги чистат и перат. Не може да се види хартивче паднато.
Во кампот има премногу Германци, Италијанци и Словенци. Хрвати помалку, а Македонци не видовме досега.

Ние сме фамилија која сака да истражува со различни кампови, но секоја година крај на август е резервиран за Љубаништа.
Кампувањето во шатор има посебна магија. Ние си имаме направено наше катче, кое го уредувавме со многу љубов.

Кровниот шатор се покажа како убава инвестиција, а долу просторот за седење, годинава го оплеменивме и со софа за седење, нова кујна и уште некои ситници.

Кампот е љубов и начин на живот. Или го сакаш или не. Не може секој да се снајде и потполно го разбирам тоа.
Мене воопшто не ми е тешко да измијам садови, да направам ручек, всушност тоа заеднички го правиме, не е само моја обврска.
Јас мислам дека треба само да се проба. Еднаш камп, засекогаш камп“.



©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
