На одмор со Ненад Сињори во камп Стомио: „Одморот не мора да биде луксузен - имаме наша приколка, децата седат цело лето“
„Иако понекогаш патуваме и на егзотични дестинации, кампот секогаш останува 'нашето местo'. Денот ни почнува рано, со кафе во рака и поглед на морето. Потоа следат капење, прошетки, играње со децата, готвење, риболов. Сместени сме во наша приватна приколка која ја средивме по наш вкус – удобна, функционална и доволно пространа за четиричлено семејство“ - вели Ненад Пантовиќ кој за CRNOBELO.com го раскажува своето искуство од кампувањето.

Ненад Пантовиќ (33) од Скопје е ко-основач на брендот за машка елеганција Сињори и човек кој верува дека вистинскиот одмор не мора да биде луксузен – туку искрен, природен и исполнет.
Веќе долги години летниот одмор го поминувал кампувајќи, а сега и со семејството – сопругата и двете мали дечиња.
Прво летото го почнуваат во Љубаништа, а потоа продолжуваат во Стомио, Грција, каде што имаат своја приватна камп приколка.

За CRNOBELO.com Ненад раскажува подетално за летниот одмор во камп:
Кампот во Стомио ни стана омилено летно прибежиште. Сместен веднаш до плажата, со широк и рамен простор, лесно достапен и за семејства со мали деца, нуди идеална база за одмор.
Иако нема природна сенка, условите се чисти, организирани, со сè што ни е потребно во близина – мини маркет, пекара, кафуле и неколку таверни каде што може да се ужива во домашна морска кујна.

Сместени сме во наша приватна приколка која ја средивме по наш вкус – удобна, функционална и доволно пространа за четиричлено семејство.
Кампувањето за нас не е „алтернатива” туку избор – вистински одмор, начин на живот во лето.
Тоа чувство на слобода, кога се будиш со звукот на брановите и децата боси трчаат по ситниот песок, не може да се спореди со хотел или апартман.


Иако понекогаш патуваме и на егзотични дестинации, кампот секогаш останува „нашето место”. Таму се случуваат најискрените моменти – без притисоци, без распоред, без бучава.
Денот ни почнува рано, со кафе во рака и поглед на морето. Потоа следат капење, прошетки, играње со децата, готвење, риболов.


Јас лично на одмор целосно се препуштам на моите две страсти – спин риболов и spear fishing. Кога ќе уловам нешто, тоа е вистински момент на гордост, особено кога потоа ќе го приготвиме заедно.
Готвењето ми е големо задоволство – најчесто подготвуваме свежа риба на скара, ракчиња, октопод, и традиционални мезе специјалитети, салати со локални продукти, а вечерата под ѕвезди е секогаш магична.


Често одиме и на дивите плажи во близина, особено на плажата Pigadi – мала, скриена плажа со ситен песок, природна сенка од дрвја, и кристално чиста тиркизна вода.

