Фото-прошетка низ еден од најубавите манастири во околината на Скопје - ќе посакате да испиете кафе таму
„До манастирот (за мене омилен во околината на Скопје) со нормално темпо, без форсирање, ќе стигнете за 40 минути. Патот не е тежок, но има некои карпести предели со нагорнини на кои треба да бидете внимателни...“ Погледнете ја оваа убавина, преку објективот на Цоци Лазаревски!

Ги обожавам македонските манастири, некако сите ми се направени на најубавите места со најраскошна природа, а и зрачат со посебна енергија. Таму како да можеме да си ги чуеме мислите и да се сетиме што е вистински важно во животот.
Мојот омилен манастир во околината на Скопје е манастирот Свети Никола Шишевски, каде кога ќе појдете еднаш ви ветувам дека ќе се враќате одново и одново.

Од 700 години стариот манастир, летниковците и зеленилото околу него до спектакуларниот поглед на Матка, таму сѐ е магично.
Кога ќе се паркирате на паркингот кај Матка, ја минувате реката Треска преку мостот на кој ве пречекува фамозната метална скулптура и потоа наидувате на знак дека треба да продолжите десно за манастирот.
Сѐ е добро обележано, плус еден е патот и нема шанси да направите грешка. До манастирот со нормално темпо, без форсирање, ќе стигнете за 40 минути.

Патот не е тежок, но има некои карпести предели со нагорнини на кои треба да бидете внимателни.
Низ убава природа е и на места со прекрасен поглед на реката Треска и на карпестите предели на Матка.
Кога ќе пристигнете во манастирот ќе ве пречека убава дрвена порта, искосена трева, средени летниковци и пријатна атмосфера.
Неодамна, вљубеникот во добри фотки Цоци Лазаревски го посети и преку својот објектив ја улови неговата убавина.

Фото-прошетка низ манастирот Свети Никола Шишевски:






