8 места во и околу Скопје за излет во природа - Каде за Први мај?
Дали и вас Први мај ве асоцира на излет во природа? Ако одговорот е „да“, а притоа останувате во Скопје, ова се осум локации од кои можете да изберете каде да отидете. Која друга локација во и околу главниот град е одлична за првомајски излет?

Денот на трудот, Први мај, за многумина е идеално време за излет во природа со семејството и/или пријателите.
Ова е традиција што не се пропушта, особено ако останувате во земјава.
Топло време, опуштена атмосфера, скара или сендвичи подготвени дома, месена пита и салати, студени пијалаци и музика (од радиото на автомобилот или преку Спотифај).

И кога ќе ги прочитате сите овие работи, признајте, веќе имате желба да отидете на пикник.
Па ако останувате во Скопје, а не знаете каде да одите за 1-ви мај, ви предлагаме осум места низ главниот град и неговата околина, каде што можете да се опуштите и забавувате за празникот.
Кои места во и околу Скопје се идеални за излет во природа?
Село Кучково
Едно од најпопуларните излетнички места близу Скопје се наоѓа во селото Кучково - пространа шума, широки полјани, црква и крстот над селото, од каде што се пружа преубав поглед.




Кањон Матка
Едно од омилените места и на Македонците и на туристите, особено во топлите денови, е кањонот Матка.
Тоа е идеално место за првомајски пикник - ливади покрај реката Треска, на клупа во самиот влез на кањонот, а за авантуристите и искачување до манастирот Св. Никола Шишевски, од каде има прекрасна глетка на кањонот, но и место за седнување и пикник.




Водно
Без оглед дали ќе изберете да отидете до Средно водно, со Крстот на врвот на Водно или Марково крувче, секаде ќе најдете место каде што ќе можете да поставите масичка и столчиња на расклопување, хамок или ќебе и да уживате во звуците на природата и чистиот воздух.



Три Круши
Пред самиот крај на населбата Драчево, на ридот се наоѓа местото познато под името Три Круши.
На ова место се наоѓа црква со голем двор, а насекаде се поставени големи маси и клупи од мермер - одлични да седнете и да уживате во вашиот излет на отворено, без притоа да треба да си понесете самите нешто за седнување.


