Магично шпанско селце за кое не ви треба мапа - 2 часа ви се доволни за прошетка, се наоѓа на Коста Брава (фото)
Ќе уживате да се „губите“ по неговите улички со калдрма, ќе се чувствувате како во едно друго време и ќе сакате да се фотографирате во секое ќоше.

На врв на рид на крајбрежјето Коста Брава во Шпанија се наоѓа малото село Палс, кое толку добро ја зачувало својата средновековна архитектура што посетата таму изгледа како патување низ времето.
Со околината ова местенце има околу 2.500 жители.

Палс е дом на прекрасна средновековна архитектура, тераси на кои можете да уживате во вечери под отворено небо, како и бескрајни можности за пешачење и возење велосипед со поглед и на планини и на море.
Ова мало парче рај од Коста Брава ќе ве маѓепса со своите камени куќи и опуштена атмосфера.

Во него сигурно ќе налетате на врата што „ќе ве натера“ да ја фотографирате или на ќоше украсено со цвеќиња што висат од камени ѕидови.
Тука ќе се чувствувате како да сте отпатувале назад низ времето – со сите камени градби, живописни лакови и остатоци од замок.

Таму има и оризови полиња, кои во лето се интензивно зелени, и оризот е традиционална храна во Палс. Се одгледува веќе пет века и се смета за ориз со исклучителен квалитет.
Најпознатото локално јадење е Arròs de Pals a la cassola – ориз во тава со месо и морски плодови.

Иако Палс не е крајбрежно село, плажата Platja de Pals е само 3 километри оддалечена.
Инаку, Палс е мало место и за 2 часа можете да го прошетате, но вреди да останете подолго.
Во лето е многу гужва, па најдобро време за посета е во мај, јуни или септември.











С. С. | Црнобело
