Сања Николиќ со поддршка за Слаткар, кој се откажа од парите за снимање на филмот: „Приказната зад камерите е поинаква“
- Детали
- среда, 03 јуни 2026
„Повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да е јасна... ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден посветен тим кој 2 години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене“, напиша Слаткар, по што доби силна поддршка од сопругата.

Деновиве јавноста се подели откако Агенцијата за филм објави дека во проектите кои ги поддржала за годинава, ќе биде и документарниот филм посветен на Марко Маринковиќ Слаткар.
Едни му честитаа, а други почнаа да го критикуваат дека сакал да земе државни пари и да го навредуваат.

Слаткар, прво јавно кажа дека филмот не е за неговиот живот, туку дека екипата која стои зад проектот се фокусира на пелтечењето како проблем со кој се соочуваат многу деца и како тоа влијае на нивниот развој и растење, но и како музиката и пишувањето текстови му помогнало да ја надмине пречката, кога мислел дека неговите зборови не вредат ништо.
По бројните критики, иако имаше и поддршка од многу страни, Слаткар се огласи преку социјалните мрежи, велејќи дека се откажува од парите кои не ги ни побарал.

Во неговата објава пишува:
„Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме.
Сакам една работа да биде јасна... ниту барав, ниту мене ми се доделени пари.
Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене.
И искрено сум благодарен на комисијата од Агенцијата за филм која ја препозна важноста на оваа тема.

Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби.
Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм.
Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен.
И со најважната поддршка од вас луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“.
По ова следуваше силна поддршка и од неговата сопруга Сања Николиќ, која претходно не се огласуваше на темата.
Таа ја сподели објавата од Марко на Инстаграм стори, па напиша:
„А приказната од зад камерите е поинаква... секогаш искрена, но понекогаш доста тешка. И тој... еден и свој“.

А. Ј. | Црнобело