На одмор со Софија Јанева во Кавала: „Патувавме 6 часа од Скопје со бебе, цените беа умерени, а водата кристално чиста“
„Со нас беа и бабите, што ни олесни многу од секојдневните обврски околу нашето 4-месечно бебе, а се сместивме во куќа на плажа што е огромна предност. Лежалки и чадор во просек се околу 10-15 евра, кафе 3 евра, гиро 4-5 евра, а вечера во таверна за двајца возрасни чинеше околу 30 евра со пијалак“ - Софија Јанева за CRNOBELO.com раскажува за семејниот одмор во Кавала и споделува искуства од местото.

Нашата инфлуенсерка Софија Јанева, која се породи во, месец јуни го искористи за првиот летен одмор со 4-месечното синче Матео.
Нивниот избор за летна дестинација беше Кавала во Грција, каде освен со сопругот и синот, уживаше и во друштвото на неколку баби кои им биле од помош за време на престојот.
Кавала е град во североисточна Грција, кој важи за главно пристаниште во тој регион, се наоѓа спроти островот Тасос, а од Скопје е оддалечен 372km.

За изборот на место, цените таму, патот и благодетите од летен одмор со проширено семејство, Софија раскажува за CRNOBELO.com...
Овој јуни го имавме првиот одмор со Матео и беше вистинска бајка. Одлучивме да одиме во Кавала, Грција – преубав крајбрежен град со душа, идеален за семеен одмор.
Патувавме со автомобил од Скопје и патот ни траеше околу 6 часа со неколку кратки паузи за хранење и растегнување. Со нас беа и бабите, што ни олесни многу од секојдневните обврски околу бебето.

Изнајмивме куќа веднаш до плажа, што беше најдобрата можна одлука. Самото тоа што можевме за неколку чекори да се најдеме на песок беше огромна предност – особено кога патуваш со бебе на 4 месеци.

Кавала има неколку прекрасни плажи во близина – водата беше кристално чиста, со песочни и каменести делови, зависно од која страна се движиш.
Имаше и организирани плажи со лежалки и чадори, но и простори каде што може да поставиш свој чадор.

Навечер уживавме во прошетките низ стариот град, кој е полн со шарм – калдрмасти улици, таверни со традиционална храна, мали продавнички и преубави погледи кон пристаништето.

Во близина имаше и повеќе маркети, што е особено важно кога патуваш со дете.

Цените беа умерени – лежалки и чадор во просек околу 10-15 евра, кафе 3 евра, гиро 4-5 евра, а вечера во таверна за двајца возрасни чинеше околу 30 евра со пијалак.

Морската храна беше свежа и вкусна, и навистина уживавме во секое јадење.

Да се биде на одмор со своето дете е посебно доживување – поинаков ритам, но многу повеќе љубов и емоции.

Со поддршка од бабите, успеавме да се организираме така што и ние возрасните имавме време да одмориме и да се наполниме со нова енергија.

Дали би се вратила повторно во Кавала? Без двоумење – да! Прекрасно место кое нуди сè што му е потребно на едно младо семејство за релаксиран и полн со спомени одмор.



Доколку и вие сакате да ни споделите интересни искуства од вашиот летен одмор за сезона 2025, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
