„59 Риволи“ во Париз - Од напуштена зграда до простор за уметници и културни настани
Веќе неколку недели престојувам во Париз и, да бидам искрен, добив желба да одам на некои интересни места, кои не ѝ се баш толку познати на јавноста.
Благодарение на моите пријателки Анастасија и Лиле, двете стационирани во Париз, решив да го посетам просторот за уметници „59 Риволи“.
Посебно ме заинтригира приказната за напуштениот објект, кој на 1 ноември 1999 година бил окупиран од страна на тројца момци: Калекс, Гаспард и Бруно. Објектот во самиот центар на Париз бил напуштен 15 години, а претходно бил во сопственост на Crédit Lyonnais и на француската влада.
Штом ја отвориле зацементираната врата, многу млади уметници се приклучиле во иницијативата и почнале да го чистат просторот исполнет со мртви гулаби, шприцови и различен вид отпад. Младите уметници ја препознале намерата и затоа се залагале да оживеат уште еден неискористен простор, каде уметниците ќе можат да живеат, творат и изложуваат.
Така, групата добила и свое име - „Chez Robert, Electron Libre“, а по оспособувањето на просторот ја отвориле зградата за јавноста со уметнички перформанси и концерти.
Но, француската власт се противела и по неколку месеци сакала да ги прогони. Сепак, благодарение на нивниот адвокат, тие добиле уште шест месеци пред да се иселат.
Во меѓувреме, медиумите се заинтересирале за сквотот, па владата престанала да ги „чепка“ во наредните неколку години.
Статусот на „59 Риволи“ станал стабилен откако Bertrand Delanoë бил избран за градоначалник на Париз, со што го легализирал просторот каде уметниците без никакви проблеми можеле да работат слободно.
Накратко, тоа е приказната за „59 Риволи“. Денес овој култен објект во Париз работи шест дена во неделата, од 13 до 20 часот. Овде се сместени 30 уметнички студија, од кои 15 се на постојани уметници, а другите се со ограничено време, на период од 3 до 6 месеци.
Кога ја посетив зградата посветив доволно време да ѕирнам во бројни уметнички дела и истовремено, со свои очи да видам како творат младите уметници.
Тоа беше одлична можност да разменам збор-два со секој од нив или да ги прашам за она што посебно ме интересираше. На првиот кат се наоѓа просторот за изложби, кои најчесто траат две недели, и пано со сите настани кои се случуваат.
Интересно е што секоја сабота и недела од 18 часот има концерти, но тоа само од септември до јуни и секако, влезот е слободен. Но, секогаш е поставена и кутијата за донации, па многумина несебично ѝ даваат поддршка на оваа уметничка иницијатива.
Кога следен пат ќе одите во Париз, ова нека биде првото место што ќе посетите!
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело
Би можело да ве интересира:





