Доцна научени лекции: Факти за бременоста кои татковците посакуваат да ги знаеле порано

Неверојатно. Страшно. Прекрасно. Возбудливо. Бременоста е деветмесечно патување за идните мајки, но и за идните татковци. Ех, кога само би знаеле што точно ги очекува…

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-1.png

Очекувањето прво дете е ново и непознато искуство, како за жените, така и за припадниците на посилниот пол. Едно се претпоставките пред зачнувањето на бебето, а сосема друго се вистинските предизвици пред и по неговото доаѓање на свет.

Кога замислите на мажите не соодветствуваат на реалноста? Повеќе анонимни татковци ги дадоа одговорите, посочувајќи ги лекциите кои (пре)доцна ги научиле. Уште за време на бременоста, или, пак, дури после породувањето на првото, второто, третото дете...

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-2.jpg

Ги издвоија како факти кои посакуваат да ги знаеле порано за бременоста, па ова се нивните искрени, емотивни и охрабрувачки совети за идните родители:

„Поспремни сте одошто мислите.“

„Ќе бидете преплашени. Ќе ви се вртат илјадници прашања во главата. А, ќе бидете и повеќе од добри. Од боењето на ѕидовите, преку изборот на мебел, теписите, храната, па до автомобилските седишта, јас се преиспитував буквално за сѐ што правев. Признавам дека бев претерано загрижен, сѐ додека сопругата не остана трудна по чеврти пат. Верувајте ми – сѐ ќе се заврши во најдобар ред. Знам дека звучи како клише, но на крајот сѐ ќе биде ОК.“ 

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-3.png

„Бременоста не е како на филм – секое искуство е различно.“

„Во филмовите, парот дознава дека очекува дете, по што следуваат утринските мачнини. Жената јаде путер од кикирики и кисели краставички, а нејзиниот стомак станува сѐ поголем.

Потоа доаѓа до пукање на воденикот и бебето се раѓа еден час подоцна. Мојата сопруга немаше утрински мачнини. Ја одби и мојата понуда да проба путер од кикирики и кисели краставички. А, се породи 24 часа по пукањето на воденикот.

Во моментов имаме две деца и дури сега сфатив дека секоја бременост е поинаква, од почетокот до крајот. Со нашето прво дете, целта на жена ми ѝ беше да се породи без епидурална анестезија. Сето ова падна во вода, затоа што беше принудена на индуцирано породување.

Им советувам на идните родители да читаат книги и да се едуцираат, но сепак да го очекуваат неочекуваното. Како и сѐ друго во животот, така и во бременоста и при породувањето, ретко кога сѐ оди според планираното.“

„Ќе има моменти кога никако не ќе може да помогнете.“

„Во брак сум со силна жена, ама знам дека постојат мигови кога сум ѝ потребен. Меѓутоа, за време на двете бремености, постоеја болни и непријатни моменти, кои никако не можев да ги поправам. Тоа што сте физички присутни е од помош, но некогаш вашите партнерки едноставно сакаат да ги оставите намира. Не земајте си при срце, доколку таа ве замоли да ѝ дадете малку слободен простор. Веројатно сѐ што сака е самата да реши одредени проблеми.“

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-4.jpg

„Пазете што готвите или каков парфем носите.“

„Во текот на бременоста, дознав дека сопругата ми е прекумерно чувствителна на мириси. Па, совет од мене е да бидете посебно внимателни по тоа прашање. Буквално сѐ што има непријатна арома, кај неа будеше нагон за повраќање. Кога на работа ќе каснев ручек со лук, на жена ми ѝ пречеше мојот здив и веднаш имаше мачнини. Научив со времето што да готвам и ги избегнував интензивните зачини, како што е карито на пример. Морав набрзина и да ги раскревам намирниците, бидејќи ги намирисуваше дури и од другата соба!“

„Татковството подразбира разговор за чувствата.“

„Додека сопругата беше бремена, јас се фокусирав исклучиво на физичките  работи кои ќе треба да ги правам за своето дете. Никогаш не ни помислив на емоционалниот товар што ќе треба да го носам. Постпородилната депресија, детските болести, проблемите на работа. Мнозинството мажи не сакаат да говорат за сопствените чувства, но емоциите се составен дел од татковството, така што разговорот ви е и тоа како потребен. Во спротивно, може е да ви стане навистина тешко.“

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-5.jpg

„Трудничката хипермеза не е обична утринска мачнина.“

„За време на првата бременост, мојата сопруга имаше сериозни утрински мачнини. Гинекологот ни рече дека ова е вообичаено и дека ќе помине до 16-тата или 18-тата недела. Меѓутоа, кога измина предвидениот период, а утринските мачнини продолжија, на жена ми ѝ беше дијагностицирана трудничка хипермеза,  состојба во бременоста при која доаѓа до интензивни мачнини, повраќање, слабеење и пореметувања во нивото на електролити во телото.“

„Научете се да го зборувате јазикот на својата бремена партнерка.“

„Постојат мноштво моменти во текот на бременоста, кога ќе сакате да ѝ помогнете на жената, а и таа ќе ја сака вашата помош, но ќе дојде до проблеми во комуникацијата. Таа нема да може секогаш да ви опише што ја мачи, ниту пак вие секогаш ќе може да ја разберете.

Клуч на успехот е да бидете запознаени со љубовниот јазик на својата бремена партнерка, како и способноста да знаете што треба да направите и тогаш кога немате јасни упатства. Во нашиот случај, кога и да жена ми не можеше да каже што ѝ треба, јас ќе купев чоколада и кекси, го оставав мобилниот телефон во другата соба, па ѝ ги масирав грбот и стапалата. Така се гради успешна комуникација!“

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-6.jpg

„Немојте да ги занемарите романтичните излегувања во текот на бременоста.“

„Не би рекол за себе дека сум најголемиот романтичар на светот, но сепак давав сѐ од себе да ја одведам сегашната сопруга, а тогашна девојка, барем на три состаноци месечно. Кога таа затрудне, признавам дека комплетно потфрлив.

Знаев дека не ќе може да ужива во чашката вино која секогаш ја нарачуваше со вечерата, па некако претпоставив дека попријатно ѝ е да биде дома. Многу грешев. Сега кога имаме двегодишно дете, сфаќам колку подобро можевме да го искористиме слободното време во текот на бременоста.“

„Жената е подеднакво нервозна, или, пак, дури и повеќе од мажот.“

„Се сеќавам дека баш сѐ ме нервираше додека сопругата беше трудна. Не верував ни дека ќе го совладам менувањето пелени, а камоли дека ќе бидам добар татко. Ми олесна откако го добивме првото бебе, бидејќи нештата некако профункцираа сами од себе.

Почнав да се чувствувам попријатно во улогата на родител. Кога сега ќе се навратам на тие денови, би сакал повеќе да се грижев за она што нејзе ја мачеше за време на бременоста, а помалку за себе. И таа беше исто така нервозна - можеби и повеќе од мене.“

docna-naucheni-lekcii-fakti-za-bremenosta-koi-tatkovcite-posakuvaat-da-gi-znaele-porano-7.jpg

M. A. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...
Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца? Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе науч...
Не сака да се дружи со деца, бега од врева - Дали и вие имате високо сензитивно дете? Вашето дете ги покрива ушите и му пречи врева, реагира на сѐ што е ново, ги забе...
7 знаци дека сте добар родител, дури и кога ви е тешко да верувате во тоа Ја почитувате приватноста на вашето дете и тоа ги споделува неговите проблеми со...
„Сите ми велат: ‘Блазе си ти, какво дете имаш!’  - Знам какво е, и не ми се падна на лото!“ „Често ми велат, блазе си ти какво дете имаш! Знам јас какво дете имам! Единстве...
Како да го намалите времето поминато пред екран кај вашите деца? Лето-зима, приказната е иста, си доаѓате дома, а вашето дете уште не влезено дом...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg