Дворот на Мирјана во Пештани е еден од најубавите – камени ѕидови со цвеќиња, реставриран стар мебел и рачно изработени декорации
„Секој детаљ е плод на макотрпна, но исплатлива работа која што јас и мојот сопруг ја сработуваме со љубов, а посебно сум горда на цвеќињата. Декорот e 90% реставриран стар мебел кој некој ни го подарил или сме го нашле фрлен во ѓубре“ - вели Мирјана за CRNOBELO.com за дворчето кое е шаренило од бои и рај за очи во с. Пештани.

Во околината на Охрид, поточно во Пештани, се наоѓа куќа со едно од најубавите и најколоритните дворчиња, што е рај за душа и очи.
Низ целиот двор може да се забележат буриња и саксии кои се рачно фарбани, држачи за саксии кои се направени од скали, но и други предмети на кои им е најдена втора примена и изгледаат одлично декоративно.
Дворот е најмногу уреден во црвена и бела боја, па освен на перничките на мебелот, има повеќе детали со пруги во овие бои.

Цвеќиња има буквално насекаде, а камениот ѕид е украсен со голем број саксии со секакви цветови кои го разубавуваат и оживуваат просторот.
Интересен детаљ е и велосипедот закачен на ѕидот, но и катчето со клупа направена од трупци дрво, покриени со традиционални чергички.
Мирјана Миткоска, мајка на две прекрасни деца и горда сопруга за Вила Марија, која е нивна семејна куќа во која живеат, вели дека истата е сместена во прекрасното и живописно с. Пештани во Охрид, од која што дел служи и за сместување.
За CRNOBELO.com таа подетално раскажува за уредувањето на дворот:
„Нашиот двор е прекрасна приказна која почна во изобилство на време во карантинот поради Ковид 19 во 2020 година и е љубов која што трае до ден денес. Секој детаљ, секое катче е плод на макотрпна, но исплатлива работа која што јас и мојот сопруг ја сработуваме со љубов.
Нешто на кое што особено сум горда е цвеќето кое го има во изобилство и е, да кажам круната на нашиот двор. Цвеќињата ми се како деца на кои безрезервно им го пружам целото мое внимание и љубов, и нешто за кое што можам да кажам дека ми делува терапевтски и уживам да го работам.

Цвеќето како цвеќе си бара наводнување дневно, а некогаш во големи горештини и двапати дневно.
Интересно е што освен саксиите кои се купени, декорот на дворот се состои од 90% реставриран стар мебел кој некој ни го подарил или сме го нашле буквално фрлен за во ѓубре.

Со камени ѕидови украсени со автентични детали, разнобојни саксии и уникатен мебел од природни материјали, просторот претставува вистинска мала оаза.
Комбинацијата од старински предмети и современа уреденост му дава неповторлив шарм – совршено место за одмор и уживање во мирна, инспиративна атмосфера.

Во нашиот двор може да се најдат стари столчиња, тркала од запрежни коли, стари велосипеди, стари маси, гуми, стари бочви или буриња кои сите комплет, реставрирани придонесуваат за еден топол и стар македонски амбиент по кој мислам дека копнее секоја душа...
Мое омилено катче во дворот е делот каде што сме го ставиле мебелот изработен од пелети, тука најмногу уживам. Голем акцент ставивме и на осветлувањето кое игра голема улога во тој топол и пријатен амбиент.
Неретко навечер, особено во летните денови нас може да нè видите во дворот, под свеќи и преубаво светло каде уживаме во чаша бело вино смеејќи се и уживајќи во прекрасниот амбиент“.

Погледнете повеќе фотки од едно од најубавите дворчиња во Пештани:









Ако и вие сакате вашиот дом, двор или градина да биде дел од нашата рубрика, испратете ни мејл со фотографии и краток опис на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. - доколку уредничкиот тим одлучи дека е соодветно за објава, ќе бидете контактирани
М. М. | Црнобело
