Во дворот на Добрила и Наум од Охрид: Зелен рај со многу цвеќиња и фурна
„Секое катче во дворот ни е драго, но има едно место кое ни е посебно омилено, а тоа е верандата со надворешен камин опкружена со зеленило и цвеќиња. Таму ги поминуваме најмирните утра, најтоплите вечери, а исто така и заедничките дружења со скара со роднините и пријателите“, раскажува Добрила од Охрид за зелениот рај што го создале со сопругот Наум.

Добрила Зимоска и нејзиниот сопруг Наум направиле мал рај во нивниот двор во Охрид.
По професија и двајцата се лекари – Добрила е педијатар, а Наум кардиолог – и почнале да го уредуваат дворот уште додека ја граделе куќата.
За CRNOBELO.com, Добрила раскажува за нивниот двор во Охрид:
„Животот во куќа за нас отсекогаш значел повеќе од само место на живеење – тоа е простор каде душата се одмара, а мислите се расчистуваат.
Јас и мојот сопруг Наум Зимоски со години го градиме и негуваме нашето мало парче рај, дворот кој денес ни е гордост и секојдневна радости.
Во нашиот дом живееме веќе подолго време, а со уредување на дворот почнавме уште кога куќата беше во изградба.
Почнавме со неколку зимзелени дрва и џбунови, а еден дел го оплеменивме со овошки. Со текот на времето дворот растеше заедно со нашата посветеност.
Инспирацијата ја наоѓаме насекаде – во природата, во прошетките покрај езерскиот брег, во дворовите што ги гледаме при патувањата, па дури и во едноставните моменти поминати заедно со утринското кафе.
Обврските ги делиме природно: јас повеќе се грижам за цвеќињата и декоративните детали, додека сопругот се посветува на потешките работи како косење на тревникот и одржување на просторот.
