На гости кај водителката Ивана Јанковска: Модерен стан во Тафталиџе, со отворени полици за чанти и златни детали
Терасата ми е рајот. Едно од омилените места каде што буквално се ресетирам.
Имам отворен поглед кон Водно, парк, зеленило, небо и ништо не ми го попречува погледот. Бесценето.


Во последно дома поминувам најголем дел од времето.
Ако треба да бидам искрена во кој дел од домот можеш да ме најдеш најчесто - на трпезариската маса, ха, ха.
Таму се случуваат сите мали моменти што многу значат: работа, кафе, јадење, разговори…
А кога сакам да избегам од сè, одам на тераса.


Во однос на деталите, омилени ми се златните детали што се распослани низ целиот дом, имаат некој посебен шмек.
Но најомилени ми се огледалата, кои ги има буквално насекаде и ми создаваат чувство дека домот има двојна димензија.
Башка, каде и да се свртиш - сè гледаш. За луѓе кои се така, понарцисоидни, измислено.


Иако имав јасна идеја што сакам, не можев сама да ја средам целата приказна, едноставно не сум архитект.
Целата работа и доверба ја препуштив на млада, амбициозна и убава девојка во која апсолутно ни малку не се сомневав дека ќе го направи тоа што го сакам.
Плус кога имаш со некој човек сличен стил, нема како да не се поклопат работите.
Се видовме само еднаш, ѝ кажав што отприлика ми е во глава. Планот и дизајнот стигнаа многу брзо.
И многу интересно е што јас не направив скоро никаква измена од тоа што првично ми беше понудено. Сè ми беше супер, по мој вкус и стил, и точно тоа што си го замислував.

Белата боја е како платно што доминира во домот, а мермерот во нијанси на бело и сиво му даваат на просторот длабочина и стил.
Златните и крем тонови се како светли искри што додаваат нежност и луксуз во секој агол.
Целиот мебел е правен по мерка, а на проектот работеше позната скопска фирма за ентериери.
Иако има некои детали што се купени надвор од Македонија, главно сè е од кај нас. Убаво ми е кога ги поддржувам домашните производители.


Ако сте личност како мене - секогаш ќе се најде нешто за доуредување, некое ќоше за преправка, ха, ха. Се шегувам, ама и не баш.
Има сè уште неколку работи што се недовршени, и веројатно токму затоа ја одложувавме средбата да ми дојдете на гости, малку подолго од планираното.
И денес не ми е средено целосно, ама тоа само значи дека ќе има следна прилика - во вечерна атмосфера, кога ќе може убаво да се види сè, особено скриените светла кои треба да се низ цел простор и кои ќе дадат сосема друга димензија.
Дел од нив се веќе наместени, ама другиот дел… купени се, чекаат во фиока - заедно со мајсторот што никако да се појави.
Има уште некои ситници, како тапетите што се планирани, ама не се ставени.
Ништо страшно - тоа се оние работи што само јас ги гледам, другите сум сигурна не ги ни забележуваат“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело