Во дворот од 200m2 на Бранко во Вевчани: „Мајка ми се грижи за садниците, сама прави вазни од цемент и држачи за цвеќе од пелети“
- Детали
- сабота, 09 август 2025
„Од дворот се гледа Охридското Езеро. Во еден дел има садници за кои се грижи мајка ми - сади компири, пипер, домати, краставици, пченка, грав, грашок, морков, буквално сè. А потоа, цела зима, јадеме од домашниот род“, вели готвачот Бранко Поповски за CRNOBELO.com, за семејната куќа во Вевчани.

Бранко Поповски, на Инстаграм познат како Cooking With Branko, потекнува од Вевчани.
Во семејната куќа со огромен двор, овоштарник, но и уреден дел за скара, нашиот готвач оди постојано - и за да се види со семејството и за да ужива во мирот што го му нуди.
А додека е таму, постојано готви и споделува рецепти направени со зеленчукот и овошјето израснати токму во нивниот двор.


Иако повремено знае да се „пофали“ со родот на пиперки, домати, јаболка, грашок или компири, никогаш не заборава да нагласи дека сето тоа е заслуга на мајка му.
Таа, од една страна се грижи за насадите, за овоштарникот, а од друга страна за зеленилото во другиот дел од дворот.


За оваа мала оаза во Вевчани, Бранко вели:
„Кога некој ќе ме праша ‘Каде го наоѓаш мирот?’ буквално одговорот е дека мирот го наоѓам во мојот двор, во мојата градина во куќата во Вевчани.


Градината навистина е прекрасна, а мајка ми се грижи целосно за неа - за садењето цвеќиња, за изборот на цвеќиња што ќе ги посади, за полевањето на тревата, буквално за сè.
Таа ги средува и садниците и начинот на нивното поставување, рачно изработува вазни од цемент и во нив ги сади цвеќињата.
Држачи за цвеќињата, пак, прави од пелети.


Во самиот двор има дрен, кој е еден вид на белег на дворот, па секоја година гледаме да е добро среден, изрежан, да е во форма на чадор за да може да формира убава сенка.
Од страните е „опколен“ со камчиња.


Дворот е преголем и на две места во него се поставени масички со столчиња.


