Во домот на Невенка и Гаврило во Штип: Дуплекс од 156m2, со ограда од ковано железо во дневната и музички инструменти
- Детали
- сабота, 27 септември 2025
„Во салонот централно место зазема пијаното, а над него во застаклена витрина е изложена една од првите виолини на мајка ми, која е професор по виолина во пензија. Салонот е простран, а во него доминира оградата од ковано железо, која започнува со голем виолински клуч - еден вид лајт мотив во домот“, вели Невенка од Штип за CRNOBELO.com.

Невенка Дуковска (41) од Штип е пијанист - доктор на музички науки, редовен професор на Универзитетот Гоце Делчев и сопругот Гаврило (45) од Велес - магистер по информатика и член во групата „Маестро“ на ударни инструменти, живеат во прекрасна куќа во Штип.
Домот го уредувале со многу љубов и внимание и во секој агол се забележува нивната љубов кон музиката, па се преточува како симбол низ малите детали.
Невенка за CRNOBELO.com вели:
„Тука сме од 2018 година, но нас нѐ поврзуваат љубовта, музиката и синот Дамјан (5). Тука живееме, тука и твориме“.

За уредувањето на семејниот дом, кој дише со многу музика, таа раскажува:
„Живееме во Штип, во дуплекс дограден над семејна куќа која им припаѓа на моите родители. Се наоѓа во преубава мирна населба, со голем двор на „слепа улица“.
Заедно со сопругот ја започнавме изградбата на куќата во 2017 година, со целосно откривање на кровот и изградивме дуплекс од 156m2.


За проектот и за тоа како да изгледа распоредот внатре се погрижи архитект, кој направи совршен распоред, почитувајќи ги нашите желби, но ги надмина нашите очекувања.
Успеа да ни овозможи голем отворен простор каде ќе има пространо место за нашите инструменти, музика и гостопримство.


Долниот кат се состои од салон, кујна, купатило, гостинска соба, надворешна тераса и внатрешна тераса - застаклена со гијот систем кој се управува со далечинско.
Заради нејзината функционалност, во било која сезона од годината тоа е најискористеното и омилено катче на целата фамилија, па и на гостите.


Голем љубител сум на цвеќиња и домашни дрвца, па овде им е совршена местоположбата и затоа поголем дел од нив се наоѓаат тука.


Салонот е скоро 50m2 со висина од 7 метри и има внатрешни скали кои водат кон горниот кат.
Горниот кат се состои од спална, детска соба, купатило, гардеробер и галерија со внатрешна тераса во која е вградена библиотека со димензии 2,30х1,50m.


Тоа отсекогаш беше моја голема желба, да имам простор да ги ставам многуте книги кои ги имам, албуми со фотографии, ноти, а истата е доукрасена со сувенири од нашите патувања.


