Во домот на Невенка и Гаврило во Штип: Дуплекс од 156m2, со ограда од ковано железо во дневната и музички инструменти
Креација е на мајстор од Кочани, уметник во својата професија. На средината има остров кој може да биде статичен или подвижен, а во него има мини винарија.
Ретро-кујните отсекогаш ми се допаѓале бидејќи комбинираат свежи идеи на носталгични елементи со модерни погодности и затоа секогаш биле и ќе бидат актуелни, т.е. „во мода“.


Од ретро детали, проткаени со фрагменти од музиката, кујната изобилува со доста такви (како чаши со ноти, есцајг со музички симболи и слично) кои создаваат уникатен и атрактивен простор за готвење и дружење.
Моето омилено место е токму ова, бидејќи освен дружењето со синчето и со клавирот, останатото време го поминувам овде. Затоа уживам во готвењето, експериментирањето во кујната и пречекувањето гости.


Купатилото продолжува во сличен стил, но со поколоритни бои - плочките се со нијанси на кафеавата боја.
Украс кој неверојатно се вклопи е масивното сребрено огледало кое, повторно, дава еден вид на рустикален стил. А тушот е со дрвен изглед, но во малку помодерна варијанта.


Бидејќи обожаваме светлина во домот, затоа скоро целиот дом има француски тераси, дури и во купатилата.
Другото купатило кое се наоѓа на горниот кат е поинтимно, со када, и е сосема во друг стил. Изобилува со мозаични плочки во сјајни белузлави нијанси.
Сепак подните плочки, кои даваат изглед на дрвен под допринесуваат за еден вид топлина во истото.

Спалната е светла, бела со окер нијанси и дрвени украси. Повторно има реквизити со музички фрагменти, како кутијата за накит која е во форма на клавир и се наоѓа на шминкерницата.
И спалната соба е со француска тераса која има неверојатен поглед кон градот, а особено ноќе глетката е неопислива.


Детската соба е правена последна, има компактен кревет со скалички, многу практичен, со две бироа и простор за складирање играчки.
Нашиот син Дамјан, кој има 5 години има голем интерес за географија, веќе знае за сите држави во светот, главни градови, знамиња и за планетите со целиот сончев систем.
Затоа делови од темата во детската соба се планети, ракети, глобуси, атласи и знамиња.


Од сите материјали во целиот ентериер и екстериер, кои се првенствено од македонскиот пазар, македонски фирми и мајстори од кои е уредена и изградена куќата, овде главна состојка во текот на целата изградба е љубовта.
Сѐ е правено и бирано со многу љубов.


Во склоп на куќата има двор од 280m2 и неколку редови со винова лоза.
Дворот е место каде во лето најчесто сите заедно го поминуваме времето. Има монтажен базен, голема трамбулина за децата и претставува парк за игри и анимации.
Истиот е претежно со трева и дрвја за кои се грижат татко ми и сопругот, а за цвеќињата јас и мајка ми“.


