Во домот на Невенка и Гаврило во Штип: Дуплекс од 156m2, со ограда од ковано железо во дневната и музички инструменти
Од книги има најразлични жанрови за сите вкусови, а се разбира, најгоре се наоѓа книгата над сите книги - Библијата.
По неа има цел сектор отстапен само за црковни книги, стручна литература, мои издадени книги, ноти и награди.


Бидејќи нашата професија освен што ни пружа задоволство додека ја работиме, таа исто така ни овозможува и друго задоволство - а тоа се безбројни патувања.
Велат, „Човек е богат толку колку што патува“, а во мојата концертна кариера имам музицирано на сцените во САД, Шведска, Шпанија, Австрија, Мароко, Словенија, а сега претстои и концерт во Германија.


Сопругот исто така има учествувано на многу турнеи низ светот. Па, од посетените земји си носиме по нешто како спомен за секое уникатно стекнато искуство од сите различни места и култури.
Имаме кожена табуретка од Мароко и кожени столчиња од Египет, полнети со сушена палма.


Од другите поомилени нешта ми се: тажин од Мароко, бумеранг од Австралија, детска дрвена игра „меморија“ со знаменитости од Данска и слично.
Во домот преовладува белата боја која зрачи едноставност и чистина, а на места има пастелни бои и најчесто доминираат нијанси на кафеаво.

Во салонот централно место зазема пијаното, а веднаш над него во застаклена витрина е изложена една од првите виолини на мајка ми, која е професор по виолина, во пензија.
Инаку тоа бил првиот инструмент на кој свирел мојот сопруг, пред да му се роди љубовта кон тапаните, па така овој експонат има двојно значење.


Салонот е простран, а во него доминира оградата од ковано железо.
Изработена е по нарачка од наша компанија од Виница и започнува со голем виолински клуч, кој е еден вид лајт мотив во целиот асортиман од музички орнаменти кои се сретнуваат низ домот.


Кон неа се адаптирани слични украси на ѕидовите и лустер во тој стил, кои заедно даваат еден вид на рустичен изглед, дополнети со металните скалила, врз кои има газишта од масивно дрво.
Во ист стил продолжува и кујната, која е во бела боја, а изработена од 12-годишен даб.


