На гости кај Данче: Семејна куќа во Струмица каде просторот „дише“, а се чисти со сода и оцет, како нашите баби некогаш
- Детали
- сабота, 22 ноември 2025
„Нашата куќа е од типот на куќи во низа и едната страна е на исток – дневниот престој, а спалната и детската соба гледаат кон југ, па имаме доста светлина. Инаку, го практикувам методот на дом со помалку токсини и токсичното оптоварување во нашиот дом е минимален, па можам слободно да кажам дека и нема“, вели Данче Серафимова (30) од Струмица за CRNOBELO.com.

Данче Серафимова (30) од Струмица по образование е градежен инженер, а работи како професор во средно стручно училиште во Струмица.
Taa веќе 6 години е во брак и со сопругот и синовите Ѓорѓи (5) и Давид (2) живее во семејна куќа во Струмица.
Најважно ѝ е просторот да не е пренатрупан со предмети, како и да го чисти и одржува со природни средства. Нејзината цел е да одржува дом со ниско ниво на токсини, а за тоа зборува и на нејзиниот Инстаграм профил.
За уредувањето на нејзиниот дом таа споделува за CRNOBELO.com:
„Заедно со сопругот живееме од ноември 2019 година, а јас во уредувањето на домот единствено учествував во изборот на кујната и трпезариската маса, бидејќи тоа недостигаше во тој момент.

Како градежен инженер, знаев што сакам од кујната и навистина сум задоволна со постигнатата функционалност.

Нашиот дом расте заедно со нас и во процесот на заедничкиот раст има претрпено многу промени.
На почетокот навистина сакав детали, украси, но со текот на времето, едукацијата, децата, најмногу во поглед на функционалноста, сфатив дека - за сѐ што е за украс, нема место во нашиот дом.

Секој предмет или уред кој е купен и внесен во домот се користи, односно има некоја намена.
Во поглед на играчки, секогаш кога нова играчка доаѓа, старата си оди. Исто така е и со облеката.

Поминав низ три бремености во различни годишни времиња и оваа година стасав до мојата идеална тежина, па така овие три години се ослободив од 90% од облеката и истата ја донирав, подарував и давав во продавници за облека од втора рака.

Сега кога купувам гледам тоа да биде паметно, да може да се комбинира на повеќе начини и да ми е навистина потребно.
Изминативе три години стекнав навика да го чистам домот на квартално ниво, односно 3 пати годишно, и секогаш се изненадувам од тоа колку многу работи поседуваме, бидејќи секогаш има нешто да се тргне, складира или пренамени.

Буквално поминувам низ сите фиоки, плакари и за сѐ се прашувам дали ми треба ова, дали сме го користеле оваа сезона и ако одговорот е НЕ – си оди од нашиот кат.
