На гости кај Жиле и Рос: Винтиџ стан во Скопје со грамофон, флипер, детали од бувљак и уметнички дела (фото)
Голем дел од предметите се или реставрирани, или рачно направени во сопствена работилница, како на пример светилките, полиците и висечкиот штрк во детската соба.

Во трпезаријата поминуваме најмногу време, тука јадеме, тука работам, седиме со гости, па затоа многу сакам да е средена и по можност секогаш да има свежо цвеќе.

Од уметнички дела никогаш доста, имаме многу и на ѕидовите, но и во плакарите, кои таму стојат врамени, и чекаат дополнителни ѕидови да се појават од некоја паралелна димензија за да бидат закачени на нив.

Можното решение исто така го гледаме и во некоја мала куќа која ќе има повеќе ѕидови за секоја уметничка слика да си го најде местото.
Омилени ни се делата од Васко Ташковски, Ѓорѓи Чулаковски-Џото, Слободан Живковски, но и на другарка ми Руки Чуки чии дела висат во секоја соба, како и од уметниците од колективот „Кула“.

Сегашната спална претходно беше работна соба, таму е нашата библиотека, 3D принтерот, конзоли со видеоигри, компјутер итн., но со доаѓањето на уште едно дете мораше да се претвори во спална и некои предмети да се спакуваат.

Детската соба е типична детска – еден ичкртан ѕид, многу играчки и шаренило, еден куп работи што требаат и не требаат, баш како што треба да личи детска, не сме љубители на трендот на исплакнати пастелни бои каде голем дел од мебелот е шаблонски.


Омилени ни се купчето детски книги, штркот направен од дедо, завесата со хеклано миљенце од прабаба и детските цртежи на плакарот.

