На гости кај Александра и Стефан: Модерен стан во Скопје е како сцена од новогодишна бајка (фото)
- Детали
- среда, 31 декември 2025
„Убедливо тврдам дека нема поубав период во годината од овој. За време на празниците, домот станува место каде сè е блескаво и прекрасно“, вели Александра Стојанова Ѓорѓиоска (34), одделенски наставник, од Скопје.

Александра Стојанова Ѓорѓиоска (34) од Скопје, веќе 13 години работи како одделенски наставник во основното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, а 10 години е посветена и на нејзиното ателје за декорации „Baby Boo“.
Таа вели дека обожава креативност, изработки и декорации, па затоа ги обожава и празниците
Заедно со нејзиниот сопруг Стефан нивниот топол дом го претворија во новогодишна бајка периодов.

За китењето на домот Александра споделува за CRNOBELO.com:
„Убедливо тврдам дека нема поубав период во годината од овој. Во периодот на празниците, домот станува место каде сè е блескаво и прекрасно.

Со накитениот дом, ставаме печат на затворената кутија, која во себе ја носи изминатата година, а ја пречекуваме новата, поубава, полна со надеж, светкава, како и нашите домови околу празниците!

Како секогаш, така и оваа година, јас бев задолжена за декорот во нашиот дом.

Минатата година украсите во домот и на елката беа во тегет и златни тонови, но оваа година е година на промени, па одлучив сè да биде поинаку.

Овојпат елката и целиот новогодишен амбиент се во смирени тонови, на златна и крем боја.

Одлично се вклопија со мебелот, во кој преовладуваат повторно смирени тонови на крем боја и деталите низ домот кои се златни со црно.

