Марија-Магдалена од Битола, самохрана мајка, урна стара куќа на село и крена нова од темел: „Ми требаше ново семејно гнездо“
Дали размислуваше за финансискиот аспект, т.е дали беше поисплатливо рушење наместо реновирање?
Реновирање не беше опција. Куќарката беше самоделска и рушењето беше неопходно.
Финансиски, испадна исплатливо бидејќи сè се случи пред короната, во еден сосема поинаков ценовен свет.
Новата куќа е монтажна. Преблагодарна сум на Стефанија која ја нацрта - испадна буквално како на цртеж.
Компанијата Кобил ја изработи во фабрика и ја постави за три дена.

Кој ти беше најголема поддршка во целиот процес?
Децата и мајка ми.

А како изгледаа расправиите со мајстори? Има ли ситуација што секогаш ќе ја паметиш?
Има мајстори кои те потценуваат затоа што си жена.
Ти објаснуваат како „треба“, ти им даваш шанса, уредно договараш - и на крај испаѓа дека е погрешно направено.
Потоа бараш други да ја поправаат нивната грешка. Тоа бара многу трпение.
Имаше и такви што мислеа дека ако си сама, си и „слободна“. Сум видела сè.
Дел од ситуациите беа чиста комедија, вредни за фотодокументирање. Но трпението мое немаше крај.

Колку често правеше компромиси со својата визија?
Кога стануваше збор за вистинска стручност - секогаш попуштав.
Но, проблемот беше што некои нестручни се претставуваа како стручни. Тука имаше утки и нерви после тоа.
Денес, би проверувала многу подлабоко. И уште нешто интересно - секој мајстор што ќе дојдеше, ја омаловажуваше работата на претходниот.
Не знам дали е пракса или само кај мене така се погоди.

Кој ти е омилениот дел од домот?
Кујната. Ја создадов со цел таму да научам посериозно да готвам.
Уште не ѝ е дојдено времето, ама можеби годинава.

Колку време траеше целиот процес и дали домот е целосно готов?
Мислам дека никогаш нема крај. Сè уште имам спални за средување.
Но, кој рече дека мора да биде лесно? Некои луѓе не стигнуваат дотука ни за цел живот.

Да треба денес повторно да почнеш од нула, би го направила ли истото?
Да. Со тоа што денес би се информирала многу повеќе - за вода и канализација (која сè уште ми е импровизирана, иако сум на 4k од град), за дренажа, разлика меѓу хидрофор и ракетна пумпа, и дали идејата што ја замислувам е навистина изводлива.
Би поставувала посуштински прашања, иако знам дека одговорите често се тешки и знаат да кочат.
Оваа авантура е за издржливи луѓе, со голема желба, најчесто и за повеќечлени семејства.
Но најважно - стигнав до точка на која сум горда. Пред сè затоа што во целиот процес бев пример за моите деца: дека од идеја може да се стигне до реализација на еден мал, но значаен животен сон.

