На гости кај Пале: Празнично украсен стан во Струмица со елеганција, класично уредување и драперии (фото)
- Детали
- сабота, 10 јануари 2026
„На мојата елка, која е стара 8 години, најголемо значење имаат трите лампиони со имињата на моите внуци — Маја, Ѓорѓи и Матеј. Тие се најнежниот дел од елката и најголемата радост во срцето“, вели Пале Стојанова од Струмица.

Пале Стојанова, менаџер и дизајнер во салон за уредување со завеси и драпери, е мајка на син, дизајнер за мебел и ентериер и ќерка, моден дизајнер и ликовен уметник, како и сопруга на поранешен старешина во армијата, сега пензионер.
Исто така ја има и улогата баба на три внучиња. Со сопругот живее во стан од 116m2 во Струмица, уреден во класичен стил со раскошни детали, кој периодов е во празично издание.
За празничното украсување на домот Пале открива за CRNOBELO.com:
„Празнична магија во мене буди радост, спомени и надеж.

Празничното украсување за мене претставува вистинско задоволство, што секоја година го чекам со радост.

Со мерак и љубов го уредувам домот, дозволувајќи му на просторот да се исполни со светлина, топлина и возбуда.
Тоа за мене е знак дека зад мене останува уште една измината година, а пред мене стои нова – со надеж дека ќе биде поубава, посветла, посреќна и побогата со убави моменти.

Уживам во престојот во празнично украсен амбиент. Светилките и лампионите нежно треперат, украсите раскажуваат свои мали приказни, а секој агол носи чувство на мир и радост.

Со восхит ги живеам тие мигови — во тишината, во топлината, во чувството дека домот е засолниште исполнето со љубов.

Новогодишната елка ја купивме пред осум години, кога се преселивме во новиот дом.

Од тогаш таа расте заедно со нас, и е дел од нашата празнична приказна. Секоја година ѝ додавам по некој нов украс или лампион, како нова страница во празничниот албум.

