На гости кај Македонци во Виена: Детската соба на Тифани (3) има гардеробер со 30 пара чевли и е поделена во катчиња
- Детали
- сабота, 18 април 2026
„На само 5 месеци Тифани имаше околу 30 пара чевлички. Организацијата ми е многу важна – чорапчињата се поделени по бои (бели и шарени), стегачите исто така, фустанчињата, очилата и сите додатоци имаат свое точно место. Собата е поделена на неколку катчиња – дел за спиење, дел за игра и дел за складирање“ - вели Ивана од Скопје за CRNOBELO.com, за детската соба на ќерката во Виена.

Ивана Тоневска Јовановска од Скопје живее во Виена, а во домот посебно внимание со сопругот обрнале на уредувањето на детската соба на нивната ќерка Тифани.
Собата со големина од 13m2 е уредена како модна бајка, а секое катче си има своја функција и е соодветно декорирано, уредено и организирано.
За CRNOBELO.com Ивана раскажува повеќе за уредувањето на детската соба на Тифани:
„Идејата за уредување на детската соба дојде од желбата да создадам топол, нежен и инспиративен простор за мојата ќерка Тифани.

Инспирацијата најмногу ја црпев од Pinterest и Instagram, но морам да напоменам дека огромна улога во реализацијата имаше и мојот сопруг – сè што јас ќе замислев, тој го претвораше во реалност, од бојадисување на ѕидовите, до стаклени фиоки и лепење декоративни елементи.

При уредувањето сакав да доминираат неутрални, смирени тонови кои се пријатни за око, но сепак не сакав просторот да изгледа премногу еднолично или како „sad beige mom“ стил.
Затоа додадовме и нежни розе детали кои внесуваат топлина и женственост, бидејќи станува збор за соба на девојче.

Голем дел од деталите и декорациите се од H&M Home, каде што секогаш наоѓам прекрасни и естетски парчиња, додека организацијата ја решивме со IKEA – Trofast системот за играчки и Pax гардероберот, кои се покажаа како многу практични.

Собата ја уредувавме со многу љубов и внимание на секој детаљ, водејќи се по естетика, но и функционалност.
Уште од бебе, Тифани имаше мала „модна приказна“ – на само 5 месеци имаше околу 30 пара чевлички.
Тоа беше една симпатична „лудост“ и моја мала опсесија, па често другарките на шега ми велеа: „Тифани штотуку се роди, а има повеќе чевли од нас“.

Машничките ги имаме во речиси сите бои – секогаш сум ги обожавала и неизмерно сум среќна што имам ќеркичка, па уживав во секој мал детаљ.

Искрено, често другарките ме прашуваат дали сум сигурна дека сум Рак во хороскоп, а не Девица, бидејќи кај мене сè мора да биде совршено организирано.
Организацијата ми е многу важна – чорапчињата се поделени по бои (бели и шарени), стегачите исто така, фустанчињата, очилцата и сите додатоци имаат свое точно место.

