Марија-Магдалена од Битола, самохрана мајка, урна стара куќа на село и крена нова од темел: „Ми требаше ново семејно гнездо“
- Детали
- сабота, 07 февруари 2026
„Има мајстори кои те потценуваат зашто си жена. Ти објаснуваат како „треба“, ти им даваш шанса, уредно договараш - и на крај испаѓа дека е погрешно направено. Потоа бараш други да ја поправаат нивната грешка. Имаше и такви што мислеа дека ако си сама, си и „слободна“. Сум видела сè. Но трпението мое немаше крај“, вели Марија-Магдалена за CRNOBELO.com.

Марија-Магдалена Петковска Микаровска (40) од Битола е професорка по англиски јазик и основач на платформата Ministry of Second Hand, онлајн продавница за продажба на облека од втора рака.
Освен што е успешна во кариерата, Марија-Магдалена е и самохрана мајка, која веќе 11 години сама се грижи за децата, а откако нејзиниот сопруг починал ненадејно.

Сакајќи да создаде дом далеку од станот во кој живееле сите заедно, каде што делеле љубов, насмевки и среќни моменти, а во кој веќе не ја чувствувала истата радост, таа решава да почне нов живот со децата на село, близу Битола.
Пред короната, кога сите ѝ велеле дека не треба, делумно и поради тоа што е жена, таа решила да ја урне старата куќа која припаѓала на дедото на нејзиниот покоен сопруг, и таму да создаде ново семејно гнездо за себе и децата.

По годините поминати во расправија со мајстори, од кои некои ја потценувале зашто е жена, а други ја убедувале колку големи експерти се, па мајсторот после нив морал да ја исправа грешката, Марија-Магдалена има дом во кој ужива.
За CRNOBELO.com вели дека треба да се завршат уште работи, но најголемиот дел од куќата е готов и е вистински дом.

За процесот на изградба на куќата, за смешните но и неубави ситуации со мајсторите, но и за поддршката од мајка ѝ, прочитајте во интервјуто:
Кога реши да бидеш „сама свој мајстор“ - да урнеш стара куќа и да почнеш од нула?
Во мене отсекогаш постоела потреба да создавам и да оставам нешто зад себе - едноставно, тоа сум јас.
Овој проект беше патување од моето старо кон моето ново јас.
Потребата да живеам во мир, надвор од гужвата, без звуци и хаос.
Сакав моите деца да трчаат боси по трева, да вдомувам животни, да садам и да одгледувам, да се испробувам себеси - што можам, а што не.
Сакав и тие, каде и да ги однесе животот, да знаат дека постои едно место што секогаш ќе ги чека - без обврска да останат, туку со слобода да се вратат.
Куќата што ја урнав беше трошна куќарка од дедото на мојот покоен сопруг - место кое и тој го доживувал како бегство, со пчеларниците што ги имал таму пред многу децении.

Дали долго се решаваше на овој крупен чекор? Што те мотивираше, а што те двоумеше?
Јас обично решавам кога условите се најнеповолни, ха, ха.
Идејата тлееше долго, но во тој период ми требаше ново семејно гнездо.
Станот што го создававме како семејство, а кое веќе не постоеше во таа форма, ме гушеше. Ми требаше рестарт.
Сите ме одвраќаа - од нивна перспектива ова беше неразумен и несигурен чекор за една жена.
Но потребата за нов почеток беше поголема од сè.
А искрено, можеби постоеше и желба да си докажам дека можам.

Велиш, дека си вадела змии и корења на имотот - како се справуваше со тие предизвици?
Сè изгледаше како запоставена џунгла. Мајка ми, по професија електроинженер со строго организиран ум и стратегија за секоја задача, беше од прв ден на терен.
Таа ги организираше работниците и чекор по чекор се стигна до чистина на која можеше да се постави платформата.
Без нејзината поддршка, ништо немаше да оди така како што одеше.
Во мене секогаш живее уверувањето дека не постои нерешлив проблем.
Веројатно таа храброст доаѓа од моите предци, кои со многу помалку ресурси правеле многу повеќе.
А низ целиот процес запознав и многу луѓе кои помагаа - најчесто со совети.
Сакам и знам да слушам помудри од себе, посебно за работи кои не се дел од мојата природа.

