Во велигденскиот дом на Драгана во Скопје - Јајца со декупаж техника и украси во пастелни бои (фото)
- Детали
- четврток, 09 април 2026
„Како дете секогаш со нетрпение учествував во велигденското украсување, а денес, во мојот дом, со истата радост ја продолжувам таа традиција како домаќинка“, вели професорката по филозофија Драгана Костиќ Петрушев, за CRNOBELO.com.

Драгана Костиќ Петрушев, професор по филозофија, живее во стан во нов комплекс во населбата Аеродром во Скопје.
Ентериерот на нивниот стан во голема мера е заслуга на нејзиниот сопруг Михаил, кој е мајстор за изработка на мебел и кој самиот ги направил елементите, додека за деталите најмногу се грижи Драгана.
Таа го претвори нивниот стан во мала велигденска бајка, со многу уникатни украси, детали, но и со внимателно подготвени велигденски јајца, од кои дел се правени со познатата декупаж техника.

За велигденското уредување на домот, првото црвено јајце, но и како ги украсила останатите јајца, за CRNOBELO.com, Драгана вели:
„За мене, уште од најрана возраст, Велигден е најрадосниот и најтопол празник, исполнет со љубов, традиција и семејна блискост.
Како дете секогаш со нетрпение учествував во велигденското украсување, а денес, во мојот дом, со истата радост ја продолжувам таа традиција како домаќинка.

Велигден го доживувам како ден што го чекаме цела година - празник што го слави животот, носи нова надеж и внесува светлина во секој дом.

Оваа година домот го уредив во духот на пролетта, со нежни пастелни бои и природно зеленило, создавајќи топла и радосна атмосфера.
Вапсањето на јајцата за мене има посебно значење - ги бојадисувам во раните утрински часови, започнувајќи со првите три јајца како симбол на Светото Тројство, придружени со молитва за здравје и мир во домот.

Останатите јајца ги декорирам со декупаж техника, за која инспирација собирам во текот на целата година, чувајќи внимателно одбрани салфети.
За мене, украсувањето не е само естетика, туку начин да се внесе душа во домот и да се сподели празничната магија со најблиските“.

