Училиште во скопски Карпош има кул уредено дворче – заедно прават украси од стари предмети, уживаат во катчиња за учење
- Детали
- среда, 27 мај 2026
„Eдна огромна внатрешна дворна површина, некогашна руинирана фонтана без никаква функција, ја претворивме во уникатна отворена училница. Се облековме во работнички мантили, ставивме ракавици и се фативме за работа. Со добра музика во позадина и силна мотивација, пластичните шишиња станаа украси и саксии, даските и гумите се претворија во масички и столчиња, комплетно уредивме катчиња за учење и дружење“ - вели за CRNOBELO.com Рената Поповска, педагог во ООУ „Лазо Трповски“.

Во основното училиште „Лазо Трповски“ во скопската општина Карпош, освен просториите за учење и рекреација, имаат и кул уредени дворчиња.
Креативниот персонал, меѓу кои педагогот и неколку наставници, заедно со учениците, си создале уникатен и прекрасно уреден простор, со катчиња за учење, но и за уживање за време на одморите.
Тие се доказ дека кога се сака – сè е возможно и дека училиштето може да се направи пријатно место каде сите заедно ќе уживаат во времето поминато таму.

Поразговаравме со Рената Поповска, училишниот педагог, која ни раскажа малку повеќе за идејата и реализацијата.
Педагогот Рената Поповска за CRNOBELO.com вели:
„Во светов во коj има многу сивило, разлеавме малку боја со мирис на љубов - во нашето училиште нацртавме шарена приказна која сакаме да ја живееме секој ден!
Промената не се чека, таа се создава и затоа решивме да си го разубавиме просторот во училиштето.

Eдна огромна внатрешна дворна површина, некогашна руинирана фонтана без никаква функција, ја претворивме во уникатна отворена училница – весело разнобојно место за учење и дружење.
На местото на старата фонтана поставивме трева и добивме оригинално име „Фонтана ди треви“ во наш слободен превод Фонтана со трева.

Се собравме група „непоправливи ентузијасти“: неколку наставници, родители, педагогот и нашите вредни ученици и поставивме правила на игра малку поинакви од училишното секојдневие.
Наместо класично испрашување, се случуваше масовно креирање, наместо учење од лекции, се учеше она најважното — одговорност, посветеност и меѓусебна почит и најјакото од сè: наместо два прста за збор, во воздух се креваа кутии со бои, четки и тешки палети!

Сите заедно, со беспрекорна организација и позитивна енергија, покажавме дека кога има визија, нема изговори.
Создадовме амбиент каде децата ќе бидат среќни, инспирирани и горди на сопствениот труд, а и ние на својот!

Како изгледаше тоа на терен? Вистинска шарена акција! Се облековме во работнички мантили, ставивме ракавици и се фативме за работа.
Со добра музика во позадина и силна мотивација се случуваше магија: пластичните шишиња станаа украси и саксии, даските и гумите се претворија во масички и столчиња, а отпадот — во разновидни креации.

Комплетно уредивме катчиња за учење и дружење, засадивме нови садници, а поставивме и сензорни табли и специјални катчиња за дечињата со попреченост. Едноставно, играрија без граници!

Со ова ги скршивме старите стереотипи и покажавме дека школото не е само место за часови, лекции и тестови.
Ние сме доказ дека може и поинаку – педагогот кај нас не е само за карање и советување, туку и мотиватор, креативец, уметник, молер, мајстор и поттикнувач на милион идеи.

Докажавме дека наставникот не е само за во училница, туку тој е лидер кој инспирира, засадува вистински вредности и најважните знаења за животот на децата им ги пренесува токму во ваков амбиент.
