На гости кај Вања Тодоровска во Смилево: „Уживам во погледот, збогатен со вкусот на питулици - го обожавам селото на татко ми“
Се слуша единствено природа, воздухот е мирислив, ме тера да дишам длабоко и да се смеам онака најискрено, од срце.

Тука во Смилево ги имам своите ритуали, пешачење до споменикот и одењето до „Костенче“, да уживам во погледот збогатен со вкусот на питулици.

А во врска со јадењето: не само што сум гурман туку и сакам да готвам. Особен предизвик ми е смилевскиот комат.

И денес со истото нетрпение ги нурнувам рацете во брашното, ги „плетам“ витките и го чекам мигот кога питата ќе добие и боја и мирис.

Готвам разни чуда, ама во лето најчесто пиперки со сè: полнети со урда, толчени со домати, пржени...


Летна манџа е на постојан репортоар, а сакам и кога ќе замириса на пинџур, кога ќе пресечам дебело парче домашно сирење, или ќе спржам јајца со дукат жолта боја.
